Денешните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, според ДУИ, не претставуваат само „чисти клевети“ и обид за сокривање на кризата на легитимитетот на неговата влада, туку се и опасни, бидејќи можат да поттикнат етнички судири.

„ДУИ отсекогаш била гаранција за слободни и демократски избори. Немаме никаква причина да се вклучуваме во ‘тајни планови’ или ‘хаос’, како што тврди Мицкоски“, велат од партијата.

Во соопштението се потенцира дека премиерот, наместо да измислува непријатели, треба да објасни зошто неговата влада го крши Уставот и дискриминира Албанците, зошто го намалува бројот на советници и ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции во корист на партиските и моноетничките планови.

„Со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година“, се наведува во реакцијата.

ДУИ предупредува и на штетната соработка помеѓу ВМРО и СДСМ, која, според партијата, го дискриминира претставувањето на дијаспората и го крши Охридскиот рамковен договор.

„Добро е ВМРО и СДСМ да ја прекинат нивната соработка на штета на Албанците и другите заедници, спротивно на Уставот и законите“, порачуваат од ДУИ.

Партијата истакнува дека октомвриските избори ќе бидат тест на граѓанската волја и референдум за политиката на страв, манипулации и демонтажа на мултиетничката држава.

„Демократијата не се плаши од невистинити изјави. Ниту Албанците, ниту Македонците не заслужуваат да бидат водени од клевети и лажни сценарија. А каде ќе биде ДУИ, тоа зависи единствено од народот“, заклучуваат од партијата.

Текстот Изјавите на премиерот се опасни и провокативни, велат од ДУИ е превземен од МАКФАКС.