Неколку земји од Европската унија денеска соопштија дека се уште е рано за разговори за испраќање војници во Украина, по изјавата на британскиот премиер Кир Стармер дека е подготвен да испрати војници како мировни сили доколку е потребно.

Станува збор и за „спречување на повторна појава на војна за неколку години“, вели извор од германската влада, нагласувајќи дека одржувањето на траен мир е „трансатлантска задача“.

„Нема да учествуваме во сценарија во кои европската и американската безбедност се разделени, на пример, ако европските војници се распоредат без целосна посветеност на САД“, објаснува истиот извор.

„Неколку пати кажавме дека прво мора да почекаме да видиме дали и како мирот, како што се надеваме, ќе дојде во Украина“, изјави портпаролката на германската влада Кристијане Хофман на редовната прес-конференција.

„Тогаш можеме да зборуваме за условите и за тоа како може да се организира“, додаде таа, но Германија верува дека дискусиите се „сè уште предвремени во оваа фаза“.

Овие изјави беа дадени во контекст на состанокот на европските лидери во Париз, вклучително и канцеларот Олаф Шолц, за Украина, безбедноста и улогата на Европа во можниот прекин на огнот. Се бара заеднички одговор на забрзувањето на американската администрација за украинското прашање.

Средбата беше поттикната од поканата на американскиот претседател Доналд Трамп до неговиот руски колега Владимир Путин и нивната одлука директно да преговараат за Украина на претстојниот самит во Саудиска Арабија. Средбата во Париз се одржува и ден по Минхенската безбедносна конференција, каде антиевропскиот говор на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс предизвика шок во европските метрополи.

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Полска нема да испрати војници во Украина.

„Полска ќе ја поддржи Украина како и досега: организациски, во согласност со нашите финансиски можности, во смисла на хуманитарна и воена помош“, изјави Туск пред новинарите пред да замине на самитот во Париз, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес, исто така, пред вонредниот самит на европските лидери рече дека е премногу рано да се разговара за распоредување војници во Украина, бидејќи верува дека на прво место мора да биде трајниот мир.

Словачкиот премиер Роберт Фицо во владината изјава нагласи дека прашањето за војниците во Украина е само прашање на Обединетите нации или билатерални договори и тоа е тема со која ЕУ нема никаква врска и не треба да ја коментира.