Кошаркарската куќа на славните во Спрингфилд ја објави листата на кандидати за прием во 2021 година.

Помеѓу кандидатите за класата 2021 година се наоѓаат три имиња од Европа кои оставија голем белег во европската и светската кошарка. Кошаркарските тренерски легенди Душан Ивковиќ и Ранко Жеравица, како и членот на шампионската генерација на Чикаго булс и еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, Тони Кукоч се дел од кандидатите од Европа за прием во „Куќата на славните“ во Спрингфилд.

Ивковиќ кој има 77 година и моментно е претседател на Олимпискиот комитет на Србија во својата пребогата тренерска кариера ги предводеше Раднички, Партизан, Арис, Шибенка, Војводина, ПАОК, Паниониос, Олимпијакос, АЕК, ЦСКА Москва, Динамо Москва и Анадолу Ефес. Беше селектор на репрезентацијата на Југославија со која беше европски и светски шампион и олимписки вицешампион, додека со репрезентацијата на Србија го освои сребрениот медал на ЕП 2009 година.

Ранко Жеравица кој се смета за еден од „татковците“ на европската кошарка, почина во 2015 година, а зад себе остави неверојатно животно дело во кошарката. Најголем успех му е освојувањето на златниот медал на Олимписките игри во Москва 1980 година. На светските првенства освои по едно злато, сребро и бронза, а дел од неговиот стручен штаб беше и македонската кошаркарска легенда Лазар Лечиќ.

Тони Кукоч

Тони Кукоч по освојувањето на трите европски титули со Југопластика, играше во Бенетон по што се пресели во НБА лигата каде беше дел од шампионската генерација на Чикаго булс предводена од Мајкл Џордан. Кукоч освои три титули со „биковите“ и се смета за еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња. Беше дел од репрезентацијата на Југославија која триумфира на СП 1990 година во Аргентина.

Од Европа најпознати имиња кои се номинирани се уште и шпанскиот тренер Мануел Лоло Сајнц, Алфонсо Форд, Ден Питерсон, Јосип Ѓерѓа…и.

Северноамериканскиот комитет исто така номинира поголем број на имиња како тренерите Рик Аделман, Џорџ Карл и Даг Колинс. Меѓу играчите тука се Чонси Билапс, Пол Пирс, Бен Волас, Крис Вебер, Крис Бош, Маркус Кемби, Мајл Купер, Мајк Финли, Ричард Хамилтон, Тим Хардавеј, Марк Џексон…