Биљана Ивановска, кандидатка за градоначалничка на Општина Центар од коалицијата Шанса за Центар, поддржана од граѓанската платформа Независни заедно, заедно со носителите на советничките листи за Општина Центар – Јане Димовски и за Град Скопје – Јана Белчева-Андреевска, денес одржаа теренска прес-конференција посветена на иднината на Спортско-рекреативниот центар „Кале“.
„Во нашата општина Центар, здравјето ќе биде врвен приоритет. Спортот е предуслов за здрав живот и затоа ќе биде достапен за секој жител. СРЦ Кале е пример за објект кој со децении пропаѓа поради штетни договори и несоодветно управување. Ревизорските извештаи бараат Владата да преземе мерки за заштита на државниот имот, а ние како општина ќе се заложиме, заедно со централната власт, Кале повторно да се стави во функција и да стане дел од современите содржини за спорт и забава“, изјави Ивановска.
Во визијата на тимот, како што беше појаснето, вложувањето во спортот е оправдано само ако тој е достапен за сите жители, особено за младите. „За нас спортот не смее да биде луксуз. Нашата должност е да обезбедиме услови за лесен пристап и модернизација на спортските објекти, со широки програми за масовен спорт. Кале ќе го отвориме за училиштата, универзитетите и сите граѓани, а општината ќе обезбеди соодветна опрема“, додаде таа.
„Средства има, ако приоритетите се постават правилно. Нашата цел е во управувањето да важат нови вредности – грижа за граѓаните, а не профит за поединци и партии“, порачаа од Шанса за Центар.
Носителката на советничката листа на Независни заедно за Град Скопје, Јана Белчева Андреевска, истакна дека тесно ќе соработуваат градските власти со општинските за повторно да се искористи потенцијалот на СРЦ Кале и на околината.
„Ова е подрачје кое е потенцијал за целиот град. Капацитетот конкретно а овој простор е 3000 луѓе кои може да учествуваат во спортско-рекреативни активности. Мора да биде приоритет и на градот со општината да може да се возобнови не само како објект туку и како целосно решение за просторот кој ќе им служи на граѓаните и кој нема да биде управуван за тесни интереси или за политичка поделба меѓу малкумина моќници“ вели Белчева Андреевска.
Носителот на советничката листа на граѓанската иницијатива Шанса за Центар – Независни заедно, Јане Димески, се осврна на проблемот со дивата депонија која, како што оцени е на само неколу стотини метри од зградата на владата, како резултат на недостатокот на политики за справување со отпадот и на ниво на општина Центар и во градот Скопје.
„ Ова е резултатот кога им давате на работникците кои ви реновираат по дома за неколку стотки да ве ослободат од отпадот. Тој завршува тука и на слични локации. Ќе направиме постојани локации за собирање на кабастиот отпад. Просторот како овој тука бараат постојан видео и човечки надзор за да се спречи ова нелегално фрлање на отпад, најмалку јавното претпријатие ПОЦ да добие компостара за да не ги носи лисјата и гранките кои ги собира по општината на депонија, туку да ги компостира, ни треба драстично проширување на начинот на селекција на отпадот од граѓаните наместо овој средновековен начин кој го имаме во моментот“ вели Димески.