Поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, официјално најави кандидатура за градоначалничка на Општина Центар како кандидат на граѓанската политичка платформа „Независни заедно“.
Ивановска најави дека во кампањата ќе се фокусира на решенија, а не на лични напади. Таа истакна дека во Центар ги дели истите проблеми со граѓаните и дека правдата, интегритетот и одговорноста се вредности кои ќе ги применува во креирањето на политики.
„Мојата визија е Општина Центар да биде на граѓаните, а не на профитот. Досегашната состојба е резултат на многу корумпирани и лукративни политики кои го занемарија интересот на граѓаните. Мене не ме водат апетити за профит, јас ги вложувам моите интегритет и капацитет за да понудам решенија кои можат да бидат добри за живеење и да го вратат достоинствениот живот. Не барам моќ и функција, туку сакам моќта да им ја вратам на граѓаните“, рече Ивановска.
Во рамки на платформата „Независни заедно“ членуваат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“. Платформата е во процес на собирање потписи за формирање политичка партија.
Текстот Ивановска се кандидира за градоначалничка на Центар: „Не барам моќ, туку сакам да им ја вратам на граѓаните“ е превземен од МАКФАКС.