Борбата против ова општествено зло – корупцијата, бара ангажираност на сите нивоа во општеството, затоа од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати, нагласи претседателката на Државната комисијата за спречување на корупција Билјана Ивановска, на свеченоста по повод 20-годишнината на ДКСК, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба.

Таа истакна дека никој не смее да ги занемари укажувањата на нашите пријатели од Европа и САД кога велат дека корупцијата во земјава е присутна во сите пори и мора да најде начин да ги разбиеме заедничките политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата.

– Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега напредокот на овој фронт сериозно недостига. Овие зборови се силен аларм за сите чинители во општеството, а секоја победа е значајно камче во мозаикот на здравото општество. Очекувам пораките од меѓународниот фактор да бидат прифатени и да се зголеми ефикасноста на другите институции кои понатаму треба да постапат по препораките и иницијативите на ДКСК кон целосно затворање на предметите, рече Ивановска.

Претседателката на ДКСК потенцираше дека ако сакаме да изградиме функционална држава и да го спречиме иселувањето од земјава тогаш сите ние треба да си зададеме цел – изградба на здрави и силни институции со интегритет кои ќе овозможат владеење на правото.

– Искрено се надевам дека овој апел нема да биде само декларативно разбран, туку дека ќе поттикне силна акција кај сите нас. Ние во државната комисија за спречување на корупцијата до крајот на нашиот мандат ќе се заложуваме за овој принцип, заклучи Ивановска.

Осврнувајќи се на работењето на ДККС, таа рече дека многу работи се промениле во изминатите четири години, посочувајќи дека оставиле печат со нивното независно, непристрасно и професионално работење.

– Нашиот труд го препозна и ЕК. Успеавме претходните негативни оценки да ги поправиме, да добиеме позитивна оценка за нашата работа. Меѓутоа нашиот апел е дека во борбата не можеме да бидеме сами. Значи во борбата треба да се вклучат сите институции, да постапуваат по нашите препораки, и да постапуваат согласно своите надлежности. Една птица не е ја носи пролетта. Цело е кога има се. Системот функционира кога функционираат сите делови, потенцираше Ивановска.

Претседателот Стево Пендаровски на свеченоста нагласи дека борбата против корупцијата е круцијална за изградба на општество во кое доминира политичка култура фундирана врз јавниот интерес, а за сето тоа треба да се грижи јавна администрација регрутирана според највисоки критериуми.

– Со атак на овие темелни вредности корупцијата де факто станува најголем генератор на неправда и нееднаквост, а со тоа и најголема пречка на демократскиот развој на државата. Корупцијата генерира неправда затоа што ја етаблира културата на неказнивост. Ниската доверба во нашите правосудни институции е последица на раширената увереност меѓу граѓаните дека митото е пресудно за исходот на судските процеси или дека е невозможно да се излезе од правосудниот лавиринт без да се познаваат „вистинските луѓе на вистинските позиции“, истакна Пендаровски.

Претседателот наведе дека во текот на изминатите неколку години охрабрува проактивноста на ДКСК, особено по донесувањето на новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси и на Националната стратегија.

– Изминативе години Комисијата адресираше повеќе случаи на непотизам, кронизам и политичко влијание во државната јавна администрација и при именување на членови на надзорни и управни одбори. Беа отворени и неколку предмети против актуелни функционери што се немаше случено долги години.
Со својата професионалност, неутралност и гласност, што е јасно констатирано и во годишните извештаи на ЕК, ДКСК покажува дека борбата против корупцијата не е изгубена и дека не смее да биде изгубена за доброто на секој од нас, рече шефот на државата.

Тој нагласи дека реалната борба против корупцијата не е задача само на една институција и таа не треба да трае само во еден мандат.

– Борбата против корупцијата е перманентна обврска за секоја институција, за секоја од трите гранки на власта, се разбира најмногу за владејачката коалиција, но и за опозицијата на централно и на локално ниво, заклучи Пендаровски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери посочи дека Декларацијата против корупцијата не е само букви на бел лист хартија, туку дека тоа е основ од кој што треба да поаѓаме сите.

– Тоа е патоказ кој што треба да го следиме сите за доброто на сите. Ние не сме тука за лични интереси. Институциите не се наши лични институции, тоа се институции кон кои е насочена довербата на нашите граѓани, нивната надеж во подобро утре и ние како вршители мораме да ја оправдаме таа одговорна должност. Да ја зацврстиме нивната верба дека младите генерации ќе ја градат својата иднина овде, дома. За тоа да биде така, треба сите ние што сме дел од креирањето на подобрите услови и европските стандарди за живот и работа во Република Северна Македонија да и пристапиме со највисока сериозност на оваа појава која го попречува напредокот на земјата, истакна Џафери.

Тој нагласи дека начинот на кој функционира Собранието е од круцијално значење за развојот на демократските процеси во земјата, а тоа воедно силно го детерминира и исполнувањето на зацртаните антикорупциските политики.

– Сепак, не е доволно, и тоа не е се. Останува најтешкиот дел од работата, а тоа е промената на свеста, како кај функционерите и администрацијата, така и кај граѓаните. Затоа што, мораме да признаеме дека корупцијата е двонасочна и секогаш вклучува две страни. Мораме да воспоставиме политики, систем и мерки за секој да може да се чувствува безбеден да зборува јавно и гласно кога ќе и каже не на корупцијата, заклучи претседателот на Собранието.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, по повод одбележувањето на 20-годишнината на ДКСК констатираше дека е постигнат извонреден напредок во капацитетот, во професионалноста и во независноста на Комисијата.

– Со жалење морам да констатирам дека корупцијата и понатаму е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува нашата држава. И покрај забележаниот напредок на Северна Македонија во борбата против корупцијата за 24 места погоре, регистриран од Транспаренси интернешнл, тоа не е доволно. Мора да обезбедиме поефикасен пристап во справувањето со корупцијата. Денеска е вистинскиот момент да се запрашаме што треба да промениме во пристапот, каде грешиме, во кој дел можеме да бидеме поефикасни, кои се нашите приоритети. И самиот податок што денеска овој јубилеј го прославуваме во овој објект на Музејот на македонската борба, кој е дел од еден од најсомнителните проекти од аспект на корупција и несовесно работење, е потврда дека со тек на времето како да се помируваме и како да го прифаќаме она што не смее во ниту еден случај да биде прифатено, нагласи вицепремиерката.

Таа ги охрабри членовите на ДКСК да бидат упорни и истрајни и да не потклекнуваат на евентуалните предизвици со кои се соочуваат во текот на своето работење во справувањето со корупцијата се невозможни резултати преку ноќ, туку чекор по чекор.

– Ја имате поддршката од Владата, но што е уште поважно ја имате поддршката од граѓаните, кои веќе немаат толеранција за ниту едно коруптивно постапување. Граѓаните бараат брза и ефикасна реакција и што е најважно бараат резултати, нагласи Грковска.