Повеќе од половина од учениците од три основни училишта во Скопје изјавија дека биле сведоци на незаслужени оценки, кои наставниците ги ставиле по интервенција на родителите. Соопштувајќи ги овие резултати, првиот човек на Антикорупциска, Билјана Ивановска, рече дека кампањата за подигање на антикорупциската свест е започната за децата, но очигледно е неопходна и за родителите и за наставниците.

Мнозинството родители не сакаат да знаат за други оценки освен 5 и за да го постигнат овој барем формален успех на детето, наоѓаат различни врски до наставниците. Според Ивановска, ваквата состојба е депресивна.

На овој начин постои ризик да се создаде култура на корупција кај децата уште од најмала возраст и, во нивни очи, оваа појава да се нормализира. Дека ваквата состојба е актуелна говори и фактот дека голем дел од учениците во земјава полагаат со добри оценки, додека на последните мерења на меѓународниот тест ПИСА, Македонија беше речиси на дното на листата и за читање и за математика, како и за природни науки.

Инаку, едукативната кампања „Станете херои на чесноста“, Антикорупциската комисија започна на 16 мај и во план е таа да се прошири на вкупно 16 училишта во текот на целата година. За студентите полесно да разберат што е корупција и кои се нејзините форми, вклучени се и актери.