Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска е разочарана што владата нашла пари да откупи цела зграда за вселување на Министерството за политички систем, меѓутоа не успеала да најде пари да откупи еден спрат колку што на Комисијата и е доволно да се пресели.
Антикорупциска комисија наместо во нови простории, сега ќе ги реновира постоечките канцеларии близу Собранието.
Претходно, Ивановска била убедена од тројца министри дека нема шанси да се откупи тој простор за Комисијата пошто нема пари.
„Рзговаравме со тогашната министерка за финансии, која ни кажа дека нема шанси да се купува тој простор. Потоа, дојде вицепремиерот за борба против корупција, дојде министерот за правда, разговарав и со министерот за финансии кога се кроеше буџетот и сите ми кажаа дека нема можности да се вложат дополнителни пари за да се купи тој простор за нашата комисија“, изјавила за 360 степени, Ивановска.
Во меѓувреме владата најде 10 милиони евра за да ја откупи целата зграда од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, каде ги смести Министерството за политички систем и четири други помали институции, но не и Антикорупциската комисија.
Премиерот Заев објасни дека владата не може веднаш да обезбедува простории за Антикорупциска кога веќе се дадени сериозни пари за реконструкција на постоечките објекти.