Не сме задоволни од спроведувањето на Стратегијата за борба против корупцијата. Ова го изјави претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во емисијата „Дебати“ на ТВ Шења.
„За жал не сме многу задоволни да бидам искрена. Ние подготвивме еден софтуер, преку кој што ги собираме сите извештаи, коишто надлежните институции, поврзани со секторите во стратегијата треба да ни ги достават, за активностите коишто ги преземале согласно акциониот план на стратегијата“, изјави Ивановска.
Таа додаде дека во моментот се подготвува извештајот што треба да биде доставен до 31 март во Собранието.
„Од она што можевме да го видиме во тие извештаи нема ни 50 % реализација. Организиравме дополнително тркалезни маси за секторите, за да ја разјасниме сериозноста на сета оваа работа“, вели Ивановска.
Шефицата на Антикорупциска соопшти дека извештајот ќе и биде доставен на јавноста, откако ќе биде завршен. Таа повтори дека генерално, антикорупционерите не се задоволни од тоа што го спровеле институциите.
Потсетуваме дека Стратегијата за борба со корупцијата беше изгласана едногласно од сите партии во Собранието пред една година.