Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, која ја заврши трката во првиот изборен круг третопласирана, со освоени 4.465 гласа, не ги упати нејзините поддржувачи кого да поддржат во вториот изборен круг, бидејќи, како што рече, секој гласач си е здраворазумен, има право да гласа и има одговорност кому ќе го даде својот глас.

„Кој и да победи, важно е да носи одлуки во полза на сите и да го заштитува јавниот интерес и правото на здрава животна средина,“ рече Ивановска на прес-конференција со советниците од платформата „Независни заедно“.

Таа истакна дека охрабрува фактот што во Центар постои критична маса граѓани кои не размислуваат партиски, туку преземаат одговорност за промени. Ивановска побара ревизија на деталните урбанистички планови кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план и јавна достапност на сите издадени дозволи за градба преку мапа што доброволно ја изработила граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

Рече и дека нивните советници ќе делуваат конструктивно и ќе соработуваат на сите проекти од интерес на граѓаните, но ќе бидат и гласни критичари за сите сомнителни одлуки.

Носителката на советничката листа на Град Скопје од „Независни заедно“, Јана Белчева – Андреевска, најави дека платформата ќе продолжи да собира потписи за регистрација како граѓанско-политичко здружение.

На локалните избори за Центар на 2 ноември ќе се соочат актуелниот градоначалник од СДСМ, Горан Герасимовски кој освои 8.535 гласа, и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој првиот изборен круг го заврши со 5.707 гласови.

Текстот Ивановска не повика за кого да се гласа во вториот круг во Центар: „Секој гласач има здрав разум и одговорност“ е превземен од МАКФАКС.