Министерот за земјоделие Аријанит Хоџа, го прекрши Етичкиот кодекс за однесување на членовите на Владата и бараме одговорност, рече претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска на денешната седница на комисијата. Таа истакна дека министерот Хоџа постапил спротивно на законите и повика лицето во Владата што е надлежно за запазување на Кодексот да го санкционира министерот.

– Министерот Аријанит Хоџа освен што го има прекршено Кодексот, го има прекршено и принципот на заемно почитување на институциите и Владата. Воедно, тој периодов изјави дека ДКСК не смее да му се меша во работата на приватниот бизнис, иако е очигледно прекршувањето на законот, вели Ивановска.

Претходно Антикорупциската комисија отвори предмет против тројца пратеници и еден министер поради сомнежи дека управителството во фирми, откако биле назначени на функции, го префлиле на свои блиски лица, најчесто на сопругите.

Со тоа, тројца пратеници, како и министерот Хоџа го прекршиле Законот за корупција и судир во интереси, особено во членот 45, кој гласи:

„Лице кое стапува на функција на избрано или именувано лице, со исклучок на лицата кои стапуваат на функција која не се извршува професионално, доколку управува со трговско друштво или установа како сопственик, e должно пред да стапи на функцијата управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство, за времето на вршењето на функцијата, јавните овластувања или должности.“

Антиорупционерите сега топката ја префрлија на Владата, каде лице коешто е одговорно за запазување на Етичкиот кодекс на членовите на Владата е вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.