Потенцијалот на женското лидерство треба да се искористи не само сега кога се соочуваме со пандемијата, туку воопшто, секојдневно, инаку гласот, мислењата, ставовите, потребите, проблемите, идеите на половина од светското население ќе останат невидливи и нечујни, вели Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на програмската канцеларија на UN Women.
Кон крајот на минатата година, „UN Women“ ја објави темата за Меѓународниот ден на жената, која гласи „Жените во лидерството: Постигнување еднаква иднина во светот на ковид-19“. Што слави оваа тема?
– Глобалната тема ги слави големите напори на жените и девојките ширум светот за постигнување еднаква иднина и закрепнување од последиците од пандемијата предизвикана со ковид-19.
Во исто време, темата соодветствува со темата на 65-тата Сесија на Комисијата за статусот на жените, која ќе се одржи во периодот 15-26 март годинава, а се однесува на целосното и ефективно учество и донесување одлуки на жените во јавниот живот, ставање крај на насилството врз жените, остварување родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојки.
Како според вас, може и треба да се искористи потенцијалот на женското лидерство во одговорот на пандемијата?
– Потенцијалот на женското лидерство треба да се искористи не само сега кога се соочуваме со пандемијата, туку воопшто, секојдневно, инаку гласот, мислењата, ставовите, потребите, проблемите, идеите на половина од светското население ќе останат невидливи и нечујни. Жените, како и мажите, од свој агол, со своето искуство и потреби треба да се надополнуваат секојдневно, во сите сфери на животот. 75% од вработените во здравството се жени, но колку од нив се на одлучувачки позиции? Колку од нив имаат апсолутна поддршка да се справат и со семејните обврски надвор од работните обврски? Колку се жените еднакво застапени на централно и локално ниво каде што се носат одлуките? Пандемијата со ковид-19 нè научи на нешто непобитно: различноста во лидерството покажува разлика и во постапките и во носењето одлуки, сведоци сме преку насловите во медиумите за тоа какви одзиви има за пандемијата во земјите предводени од жени. Но, во сегашниот пејзаж во кој доминираат мажите и недостатокот на жени на масата каде што се носат одлуките е очигледен, светот едноставно губи во неискористување на потенцијалот и на жените и на мажите.
И покрај зголемената ангажираност и застапеност на жените во јавниот живот, родовата еднаквост е сè уште далеку, а насилството врз жените и во реалниот живот и во виртуелниот свет на дигитализација е широко распространето.
Оваа 2021 година претставува пресвртница во можноста за унапредување на можностите за лидерство за жените и девојките. Бидејќи ковид-19 нè принудува да го преиспитаме начинот на работење на нашите општества, и родовата еднаквост да биде во центарот на вниманието со Форумите на „Генерацијата еднаквост“ во Мексико и Париз годинава, имаме можност да обезбедиме целосно и ефективно учество и донесување одлуки на жените во јавниот живот.
Зошто треба постојано да ја потенцираме важноста на 8 Март?
– Пред сè, не треба да заборавиме која е симболиката на 8 Март, како почнал да се слави овој ден, и од кои причини. 8 Март е повеќе од еден ден во годината кога на жените им се носат букети и подароци и се организираат прослави. Во некои земји Денот на жената се поистоветува со Денот на мајката и се заборава на нееднаквата положба на жените ширум светот, во сите сфери на животот. Досега, за жал, нема земја која постигнала родова еднаквост. Ако се движиме со оваа динамика, според проценките ќе ни бидат потребни уште 130 години за да постигнеме родов паритет за главни државнички позиции, додека во националните законодавни тела ова нема да биде постигнато до 2063 година. Денес, мажите имаат 75% застапеност во парламентите ширум светот. Само во 14 земји во светот 50% од министерските позиции се заземени од жени. Затоа е многу важно да се потенцира значењето на 8 Март, затоа што жените сѐ уште го немаат постигнато она за што започнале да се борат од втората половина на 19 и почетокот на 20 век; политичка, економска и социјална рамноправност.
Како што посочува Конвенција за елиминација на дискриминацијата врз жените (CEDAW) државите имаат обврска да преземат мерки за „модификација на социјалните и културни модели на однесување на мажите и жените, со цел да се постигне елиминирање на предрасудите и сите други практики на кои се темели идејата за инфериорност или супериорност на кој било од половите или на стереотипни улоги за мажи и жени.“
Како „UN Women“ ќе биде вклучен во прославата на Меѓународниот ден на жената?
– Канцеларијата на „UN Women“ во земјава има долга историја во прославувањето на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, пред сè, преку поддршката на манифестацијата „Вечери на женски права“, која се случува по 12. пат годинава.
Оваа година, во рамките на „Вечерите…“ бесплатно ќе се прикажат документарни филмови на онлајн-платформа во времетраење од два дена; ќе има дебата на тема „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на ковид-19?“, и изложба на уметнички слики во Културно информативниот центар во Скопје. Годинава, „Вечерите…“ се под покровителство на Град Скопје, и во партнерство со „UN Women“, „Award Film & Video“ и Институтот за човекови права од Скопје.
Програма за 12. издание на Вечерите на женски права
6/7 март
Бесплатна проекција на два документарни филмови на платформата Синесквер: https://cinesquare.net/
Денот на жената (85 мин, 2020)
Форте (60 мин, 2019)
8 Март
12:30 – 14:00
„Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на ковид-19?“
онлајн-настан
19:00
Отворање на изложбата „Будење“ 2
Културно информативен центар, Скопје
Мај 2021
Проекција на три документарни филмови во летното кино „Мирно лето“ во Кинотека, Скопје
Денот на жената (85 мин, 2020)
Форте (60 мин, 2019)
Тоа е тинејџерски свет – Вмрежени за секс, лаги и игри на моќ (45 мин, 2009)