„Состојбата со дезинформациите и пропагандата во нашата земја е никаква, многу е лоша, вели новинарот Зоран Иванов во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
„Судам и по реакциите на граѓаните на отворените контактни програми. Реагираат на нешто што е недокажано непотврдено. Прашувајќи се каде се лоцираат изворите на продуцирање на невистини, на лажни вести, на пропаганда, за овде, на нашиов македонски мал простор, можам да констатирам (со право на грешка), дека меѓу најголемите генератори за пласирање на лажни вести, лажни информации и еден вид политичка и партиска пропаганда се токму штабовите на политичките партии, бидејќи се гледа врз основа на информациите што се пласираат во јавноста од нивните прес-конференции и изјави, дека тоа се подготвува и се пакува“, рече Иванов.
Тој е загрижен што на лажни кампањи и обвинувања, не реагираат институциите, правосудните органи, ниту пак Обвинителството.
„Еве во последните примери опозициската партија лиферуваше две кампањи кои потраеја два-три дена. Немаат ни докази ни ништо. Мене друго нешто ме загрижува. Тоа е фактот што на такви обвинувања не реагираат институциите, правосудните органи ни Обвинителството. Ако станува збор за криминали, за нечесно стекнат имот, за обвинувања од милиони евра дека некој направил злоупотреба тоа завршува со изјави на портпаролите или со прес-конференција на лидер на партија. Ние во таа смисла сме едно атрофирано информативно општество“, вели Иванов.
На прашањето кој е одговорен и што е потребно да се надминат предизвиците со кои се соочуваме, а што ги носат дезинформациите и пропагандата, тој нагласува дека одговорноста е кај медиумите и редакциите.
„Новинарството е одговорно – медиумите, пред сè редакциите на највлијателните медиуми, на етаблираните медиуми, на мејнстрим медиумите но и на новите портали кои држат до себе. Тие се главната алка во општеството за демаскирање на лажните вести, пред се за демаскирање на изворите на лажните вести, бидејќи јас и граѓаните како консументи кои генерално се информираме преку читање на наслови, не навлегуваме во темите и содржините и примаме сè здраво за готово“, вели Иванов.
Редакциите треба да побараат додатни информации, новинарите да истражуваат, но и соодветните институции да реагираат, нагласува Иванов.
„Одговорноста е на редакциите да прашуваат за секоја информација за која има индикации и се сомневаат дека нема поткрепа, дека лебди во воздух, дека е чисто политичко или партиско обвинување, дека треба да побараат додатни информации а истражат, ад прашаат во институциите итн. Но и самите институции за обвинувања на така големи криминали или девијации во општеството треба да реагираат. Тоа значи дека ние сме општество и држава практично со атрофирани институции и со таа квалификација, за жал ќе кажам нешто и за македонското новинарство, за многуте лажни профили, ги амнестирам овој пат и во оваа пригода социјалните мрежи бидејќи таму учествуваме ние како граѓани што нешто сакаме да напишеме, но затоа има граѓани и институции“, потенцира Иванов.
Биљана Јордановска
Подготви: Ј. Ѓорѓиоски
Камера: Александар Ризински
Монтажа: Ариан Мехмети