Гостинка во „Женски печат“ / „Слободен печат“ со своја колумна ни е историчарката и независен истражувач Ивана Хаџиевска, која пишува за важноста и значењето на првата печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија, списанието „Македонка“.
Списанието „Македонка“ било орган на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) и прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија, за време на Втората светска војна и по создавањето на државата. Иницијативата за издавање на ова списание, била покрената во октомври 1944 година, од страна на активистките од АФЖ и Веселинка Малинска, како прва главна уредничка, а првиот број излегол наредниот месец. Денес, за хронологијата, програмските цели и културолошките наследства на оваа значајна публикација за историјата на македонскиот печат воопшто, и за историјата на жените конкретно, се знае само во тесно специјализирани академски кругови или во ќошињата за негување на антифашистичките традиции од соодветните мемориски фактори, кои повторно, денес се многу мали групи, што значи дека политиките на сеќавање, придружени со историскиот ревизионизам, влијаеле „Македонка“ да исчезне од културната меморија. Токму затоа, при обидите за повторно потсетување на „Македонка“, првенствено како извор за македонската историја на жените, соодветно се наметнува условот за освестување на контекстите за „женското политичко писмо“ и „патријархалниот историографски поглед“. Освестувањето на овие две контекстуални компоненти е важно за разбирање на визуелното претставување на жената во политичкиот простор и нејзиното профилирање како историски субјект. Така, списанието го носи името „Македонка“ до 1953 година, кога е преименувано во „Просветена жена“ – Орган на сојузот на женските друштва во Македонија (главен уредник Лилјана Манева); во 1990 година, продолжува да се издава под името „Жена“ (главен уредник Татјана Копачева); од 1997 до 2005 година се издавало под името „Жена нова“ (главен уредник Лилјана Дирјан) и од 2005 кратко време излегува под името „Згодна“. Всушност, со следењето на развојот и промените што ги доживеала оваа публикација, ние можеме да ги следиме промените во претставите за еманципацијата на жената од социјализмот, до транзицијата во 90-те и репатријархализацијата во последните децении.
Во овој текст, ќе се обидам да дадам краток осврт на првите броеви на „Македонка“, како добра почетна позиција за истражување на комуникациските канали низ кои жените започнале да го освојуваат јавниот, а со тоа и политичкиот простор.
Првиот број на списанието бил печатен на 24 страници и имал тираж од 2.000 броја, излегувал на мал формат и еднаш месечно. Печатењето започнало во илегалната печатница „Гоце Делчев“, сместена во с. Горно Врановце, Велешко (спомен-куќата и музејската поставка денес се наоѓаат во распаѓање). Но, до конечното излегување, заради воените услови, печатењето било преместено еднаш во Прилеп, а потоа во Битола, каде што по ослободувањето на градот, конечно излегува и првиот – ноемвриски и вториот – декемвриски број на „Македонка“. Уредничкиот тим бил составен од Веселинка Малинска, Нада Богданова, Ленче Иванова, Нада Ачкова и Балгојка Демниева, а дизајнер бил Василије Поповиќ-Цицо. Текстуалните и визуелните материјали биле собирани преку обласните одбори на АФЖ, кои потоа организирале и групни читања по селата за неписмените жени. Најголемиот предизвик за одржливоста на списанието бил од финансиски карактер, бидејќи до стабилизирање на состојбата и воспоставување органи на државна структура, прилозите за списанието биле доброволни и исплаќањето на печатниците било тешко и создавало долгови.
Политичката причина поради која настанало списанието, и како што објаснуваат самите авторки и уреднички, во статијата посветена на задачите на АФЖ, била зацврстување на извојуваната позиција на жените како градители на државата и утврдување на правото за масовно и активно вклучување во сите професии и во органите на власт, како и поврзување со жените од цела Југославија за заедничко решавање на „женското прашање“. Ударни задачи поставени во првиот број, а со тоа и присутни теми во написите, биле масовното активирање на жените во конечно ослободување на територијата и посетување на курсевите за описменување. Особено забележливо е симболичкото намалување на етничката дистанца, токму низ женската солидарност и прикажувањето на Македонката како православна, муслиманка, Еврејка, Турчинка или Албанка. Во списанието се јавуваат неколку редовни рубрики, кои во првите, воени, броеви, сè до 1946 година, не се цврсто програмски поврзани, но може да се класифицираат на следниот начин: политичка рубрика, организациски живот и задачи на АФЖ, вести од внатрешноста и селата, вести од Југославија и светот, културно-научна рубрика и стручна рубрика со совети за домот или работилницата. Текстовите што се однесуваат на воени и политички настани се пишувани во трожествен и панегиричен стил, придружени со фотографии од Тито и Сталин (до 1948 година). Од друга страна, текстовите што се однесуваат на женското секојдневие, во селата или по фабриките, како и текстовите кои имаат едукативна и советодавна цел, се разликуваат од првите, бидејќи јасно ја искажуваат женската перспектива во освестувањето и решавањето на проблемите. Тие даваат повеќе димензиии на женското политичко и социјално профилирање во јавниот дискурс, кое го надминува типичниот романтизиран приказ на Македонката како пожртвувана, маченичка, борец или хуманитарка, и ни ги прикажуваат жените кои во средината на 20 век живееле на село и се соочувале со проблеми кои конечно добиваат име. Тие жени не се хероини од фронтот, туку трпителки на насилна, патријархална рурална реалност, како и објектниот дел од женското битисување во таква средина. Во овие написи, кои најчесто се среќавале во советодавната рубрика, се зборува за пиењето кај мажите, насилството во домот, положбата на жената во бракот, хигиената и заштитата од разни болести и теми поврзани со женското здравје. Токму овие делови, треба час поскоро да станат предмет на истражувачката љубопитност од каде што ќе може да се влечат историски искуства за женските движења, подеднакво важни како оние кои се однесуваат на реалноста на политичарката, партизанката или интелектуалката од овој период.
Во 19 и 20 век, печатот имал важна улога во процесите на национална изградба, бидејќи низ печатените медиуми се воспоставувале и рушеле книжевните, културните и националните обрасци. Партизанската „штампа“, имала улога на средство за отпор во време на војна, а „Македонка“ припаѓа во антифашистичкиот женски печат, кој се јавува насекаде низ Југославија и има експлицитно јасни идеолошки и политички задачи во остварувањето на еманципацијата на жените и создавањето на новата „социјалистичка жена“, кои сепак мора да се читаат во склоп на самата позиција на АФЖ во рамки на Комунистичката партија на Југославија. Можеби следен чекор што треба да го преземат надлежните чинители е дигитализација на броевите на „Македонка“, кои сега се складирани во Одделението за ретка периодика при НУБ – Скопје, со што дополнително би се продлабочиле теоретските и академските знаењата за оваа тема. Истовремено, би се збогатил фондот на достапни наративи за женскиот отпор, потребни во актуелната состојба на жестока реакција кон тешко и скоро освоените права, која откри дека ни основните феминистички борби не се целосно добиени.