Повеќе од четири децении беше моден гигант, но и покрај славата целиот живот спасот го бараше во опијатите и се бореше со манична депресија. Единствена утеха најде во романсата со Пјер Берже, со кого ја дочека длабоката старост.
Ив Анри Матју Сен Лоран се родил во Оран, Алжир, на 1 август 1936 година, во богато семејство. Татко му Чарлс бил адвокат, мајка му Лусиен се грижела за децата, Ив и неговите две сестри Мишел и Брижит.
Малиот Лоран уште на десетгодишна возраст покажувал талент за дизајнот, креирајќи облека за мајка му и сестрите, но и за нивните кукли. Детството му било прилично комплицирано, децата во училиштето не го прифаќале, повеќето се подбивале со него нарекувајќи го хомосексуалец, а тоа му носело видлива нервоза, па избегнувал да оди на часови оправдувајќи се дека е постојано болен.
Сакајќи да ја задоволи желбата на татко му се запишал на Лицеј де Оран за да учи право, станал дипломиран правник во 1954 година. Сепак цело време водел интровертен живот сосема посветувајќи им се на своите цртежи. Во меѓувреме, во 1953 година, се пријавил на светскиот конкурс на млади дизајнери и освоил дури три од четирите први награди.
Не ја испуштал мајка си од рака
Загрижена за својот син, Лусиен користејќи ги врските на својот богат сопруг, го однела Ив во Париз на 18-годишна возраст и го запознала со уредникот на францускиот Вог, Мишел де Бруноф. Запознаен со различноста на младото талентирано момче, Бруноф го препорачал Ив на големиот француски креатор Кристијан Диор. Диор го вработил Ив во почетокот како дизајнер на модни додатоци. Подоцна Ив ќе каже дека бил истиот миг фасциниран од Диор и дека од него ја научил уметноста на дизајнот.
Вработените во Диор се сеќаваат на младиот Ив како на момче што не ја испуштало мајка му од рака во Париз.
Но Ив напредувал во работата и со текот на времето станал главен помошник на Кристијан Диор, кој рекол дека во него гледа свој наследник. А откако починал од срцев удар (во еден спа-центар во северна Италија),Ив Сен Лорен станал еден од четворицата челни луѓе на модната компанија. Во тоа време Ив имал само 21 година.
Иако лансирал сосема необични креации, кои биле со воодушевување прифаќани од богатите клиенти и критиката, и иако во 1958 година со својата пролетна линија ја спасил куќата од финансиската криза што ѝ се заканувала, Ив Сен Лоран не бил омилен меѓу другите креативни директори, кои постојано гледале да го „наместат“ и да го сменат.
Две години подоцна добил покана да се врати во Алжир и да се приклучи на француската војска за време на алжирската војна за независност. Тоа го доживеал тешко поради лошите сеќавања од детството, па по само 20 дена добил нервен слом и завршил во болница, каде што бил лекуван со електрошокови и силни седативи.
Сè уште незаздравен од болеста, добил уште еден удар дознавајќи дека е сменет од местото во Диор. Тие најтешки моменти од неговиот живот ги поминува благодарение на личноста што ја сретнал, адвокатот Пјер Берже, кој успева судски да извлече од „Диор“ голема отштета за отказот на Ив.
Двајцата започнале романтична врска, а набргу со добиените пари отвориле сопствена модна куќа, под името Ив Сен Лоран.
Депресии „покриени“ со алкохол
Со појавата на поп-културата и барањето на нови креативни творци, Ив ги дочекал своите 5 славни минути. Во следните две децении тој станува омилен дизајнер на холивудските глумици, кои лудувале по неговите костуми и блејзери.
До 80-те години Ив Сен Лоран станал синоним на луксуз и модна икона, им ја вратил на жените моќта одејќи во инспирациите подалеку и од Енди Ворхол и Мик Џегер, кои му служеле како музи. Романтичната врска со Пјер во 1986 година завршила и преминала во пријателство и заеднички бизнис-интерес.
„Беше манично депресивен, еден ден ќе беше луд од среќа, а веќе другиот спремен да се самоубиe. Депресиите го носеа во алкохолизам, а потоа стигна и до дроги. Беше многу несреќен човек без разлика на славата и успесите. Јас се обидував да му помогнам колку што можам“, со овие зборови го опишал Пјер Берже својот животен партнер, кого и самиот едвај можел да го издржи. Иако живеел со Пјер, во цветот на славата Ив се враќал дома секојдневно пијан и со нови млади момчиња.
Преку ноќ престанал да дизајнира
90-те години почнале лошо за модната куќа, а на сцена доаѓаат некои други имиња. Ив Сен Лоран и Пјер Берже одлучуваат да ја продадат фирмата, а Франсоа Енри Пино, кој ја управувал групацијата Гучи, тоа им го овозможил и на местото на креативен директор го назначил Том Форд.
Ив Сен Лоран се повлекол и престанал да црта. Со слабо здравје следните години ги минал во борба со својата лоша физичка и психичка состојба поминувајќи повторно убави романтични моменти со човекот што никогаш не му го свртел грбот, Пјер Берже.
Модниот гениј, Ив Сен Лоран починал на 1 јуни 2008 година во домот во Париз од тумор на мозокот. Само неколку дена пред смртта му се случил најубавиот миг во животот – стапил во брак со Пјер Берже.