Италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри, во говорот на Скопскиот економски форум порача сите политички фактори во Северна Македонија да се обединат во процесот на преговори.
-Процесот на скринингот веќе започна, добро се движи, не смееме да го потцениме фактот дека овој процес ќе биде долготраен ќе бара одредени легислативни промени, не само уставни измени, односно вниманието што се посветува на евентуалните промени во Уставот, туку треба да се признае дека одредени права треба да се дадат на сите етнички заедници, по примерот на Хрватска. Знаеме дека за некои од промените ќе бидат потребни и гласовите од мнозинството во Собранието, рече Силвестри.
Тој потсети дека преговорите со ЕУ продолжуваат, вклучуваат многу реформи, што ќе бидат од интерес на граѓаните, така што, посочи „сите политички фактори во државата, треба да се обединат во процесот на преговори, и да ги здружат напорите за потребните реформи“.
-Уште еднаш повторувам, ова се долгорочни цели кои што се во корист на сите и треба да се исполнат, без разлика кои ќе бидат идните состави на Владата и на Парламентот. Во Северна Македонија имаме претставници на ЕУ, претставници на генералните директорати на Европската комисија, коишто се запознаваат со процесот на реформи. Тоа е процес што продолжува и напредува, се надевам во блиска иднина придобивките од овие реформи ќе бидат видливи за сите граѓани, истакна Силвестри.
Тој кажа дека Италија продолжува да дава поддршка на државата, преку разни финансиски инструменти, разни грантови, а ЕУ е најголемиот економски партнер и донатор за државава.
-Италија е шеста по ред како економски партнер на земјава во контекст на увозот и извозот и сметам дека вашето географско и политичко приближување кон ЕУ ќе биде од бенефит за сите. Порастот на трговијата како и рез од трговската размена, развивањето на Коридорот 10, ќе донесе не само корист за земјава. Сметам дека можеме заедно да работиме и во следните месеци па дури и кога имаме вакво тешко сценарио и тешки околности, рече италијанскиот амбасадор.
Грчката амбасадорка Софиа Филипиду се осврна на енергетиката, посочувајќи дека приоритетот на ЕУ е гасификација.
-Грција стави голем акцент на терминалот во Александрополис, од каде што обезбедуваме природен гас и за соседните земји и овој терминал во моментов е во конструкција, односно во изградба, меѓутоа обезбедува гасовод за соседните држави се разбира и Бугарија, рече таа.
Истакна дека истовремено, во Александрополис, изградбата на новиот гасовод што е во тек, ќе биде поврзан со гасоводот во остатокот на ЕУ, а се планираат и објекти за складирање во близина на Атина каде што, рече, го зголемуваме капацитетот како изградба на три објекти на Коринт, Волос и Солун што ќе бидат за природен гас.
-Утринава, Северна Македонија и Грција веќе спомнаа дека работат на интерконекторски точки на гасоводот од Солун до Неготино и тој гасовод ќе обезбедува природен гас за Северна Македонија и ќе го зајакне енергетскиот сектор на државата, посочи грчката амбасадорка Филипиду на Скопскиот економски форум.
Во попладневниот дел на конференцијата, на панелот „Инвестирање во инфраструктура и поврзување: Територијална кохезија, трансевропски мрежи: пат, железница, мостови, пристаништа и аеродроми“ ќе се обрати министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, а на панелот „Жените во првите редови на одржливиот развој“ градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, ќе учествува на дискусијата „Стратегии за одржување на економскиот раст во време на неизвесност“. На форумот ќе се зборува и за дигиталната трансформација и иднината на ИТ