Италија влезе во тридневен строг карантин за Велигден, додека европските земји се обидуваат да го сопрат третиот бран на пандемијата.
Сите италијански региони се ставени во „црвена зона“, што е највисок степен на рестрикции, откако бројот на нови случаи на коронавирус се искачи на повеќе од 20.000 на ден. Сите несуштински движења се забранети, но црквите ќе останат отворени. Втора година по ред, папата Фрањо ќе ја прочита велигденската порака на празниот плоштад Свети Петар во Ватикан.
По завршувањето на празниците, регионите ќе бидат поделени на „портокалова“ и „црвена зона“, со рестрикции што ќе бидат на сила до крајот на месецот.
Ковид-19 досега однесе 110.328 животи во Италија.
И Германија требаше да биде во строг карантин од 1 до 5 април, но канцеларката Ангела Меркел се откажа од планот, опишувајќи го како грешка.