За еден ден, околу 8.000 новозаразени со Ковид-19 и 329 починати од вирусот, ова се најмалите бројки во Италија за епидемиолошката состојба во последните четири месеци, пренесува агенцијата Анса.
Бројот на лица кои се лекуваат во болниците е сè уште голем и не паднал под 20.000, како и бројот на пациенти на интензивна нега, кој веќе со месеци е над 2.000.
Високиот институт за здравство објави анализа на епидемиолошките податоци од почетокот на пандемијата до сега, во период од точно една година.
Според извештајот, односот помеѓу бројот на заразени и стапката на смртност е значително поинаков во првата и втората фаза на пандемијата.
Во првата фаза во март-април минатата година, стапката на смртност во однос на бројот на заразени лица беше 6,6, а во периодот јуни-септември 1,5.
Во извештајот се заклучува дека смртноста од Ковид-19 во Италија, со исклучок на првата фаза од пандемијата, е помала од просекот во другите земји на Европската унија.