Италија сака да го поттикне туризмот и да им овозможи на луѓето да патуваат низ земјата без задолжителен карантин веќе од овој месец, објави министерот за надворешни работи Луиџи Ди Мајо на Фејсбук.
Тој смета дека патувањето во Италија треба да им се олесни на патниците кои се целосно вакцинирани против коронавирусот.
Ди Мајо рече дека соработува со министерот за здравство за да се укине „мини карантинот“ за граѓаните на ЕУ и патниците од Велика Британија и Израел кои се вакцинирани, имаат негативен тест на вирусот или се опоравиле од Ковид-19.
Посетителите кои доаѓаат во Италија од други земји на ЕУ во моментов треба да се тестираат пред да патуваат, да поминат пет дена во карантин во земјата, а потоа повторно да направат тест.
Ди Мајо најави дека правилата за патниците кои доаѓаат од САД исто така треба да се релаксираат во јуни.
– Туризмот е важен за заздравување на Италија, рече Ди Мајо.
Тој додаде дека точните правила и датуми за новите регулативи сè уште не се утврдени, но најави дека Владата тоа може да го разгледа на 15 мај.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, бројот на случаи на коронавирус во Италија во последно време опаѓа, а кампањата за вакцинација напредува.
Досега повеќе од 27 проценти од населението примило барем една доза вакцина.