Иран го потврди апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала, објави државната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на иранското Министерство за култура, пренесува Си-Ен-Ен. Италијанското Министерство за надворешни работи минатиот петок соопшти дека Сала е уапсена во Техеран.
ИРНА во понеделникот објави дека Сала била приведена на 19. декември поради кршење на законите на Исламската Република Иран.
„Нејзиниот случај во моментов е под истрага. Апсењето е извршено во согласност со релевантните прописи, а италијанската амбасада во Техеран е информирана“, се вели во соопштението на ИРНА.
Новинарката во затворот ја посетила италијанската амбасадорка Паола Амадеи за да ги провери условите и околностите на нејзиниот притвор, се наведува во соопштението и се додава дека Сала претходно имала право на два телефонски јавувања со членовите на семејството.
„Се уште не знаеме за што е обвинета“, изјави завчера пред новинарите италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
Министерот исто така додаде дека на Сала не и било дозволено да ја посети адвокат во затворот до пред два дена.
Сала е новинарка на италијанскиот дневен весник „Ил Фољо“, кој пишува дека е задржана во затворот Евин во Техеран. Сесилија била во Иран со редовна виза за да известува за земјата што ја познава и сака, истакнувајќи ги проблемите како што се сузбивањето на слободата на говорот и заканите за новинарите.
„Новинарството не е криминал. Да ја вратиме Сесилија Сала дома“, напиша главниот уредник на „Ил Фољо“, Клаудио Цераса.