Обвинителството во Милано покрена истрага за италијански државјани кои наводно платиле огромни суми пари на српските паравоени сили за да пукаат во цивили за забава за време на опсадата на Сараево од 1993 до 1995 година. Таканаречените „викенд снајперисти“ учествувале во брутален „лов на луѓе“ во градот во кој биле убиени 11.000 граѓани, објавија италијанските дневни весници „Ил Џорно“ и „Ла Република“, пренесува „Анса“.

Според италијанските медиуми, станува збор главно за крајно десничарски фанатици и ентузијасти за оружје кои им плаќале на српските војници да учествуваат во опсадата и да пукаат во жителите на главниот град на Босна и Херцеговина. За да се идентификуваат овие „воени туристи“, во Милано е покрената истрага за утврдување на нивниот идентитет.

Случајот го отвори обвинителот Алесандро Гобис под обвинение за убиство со умисла со особено сурови и подмолни мотиви. Истрагата моментално се води против непознати лица, а е покрената врз основа на жалба поднесена од новинарот и писател Ецио Гавацени, со помош на двајца адвокати и поранешниот судија Гвидо Салвини.

Според сведоштва собрани низ цела северна Италија, „викенд снајперистите“ се собирале во Трст, од каде биле однесени во ридовите околу Сараево. Таму, откако им платиле на паравоените сили на босанските Срби предводени од Радован Караџиќ, можеле да пукаат врз жителите на опколениот град. Досието вклучува и извештај за „богати странци кои се занимавале со нехумани активности“, кој до обвинителството го испратила поранешната градоначалничка на Сараево, Бенџамина Кариќ.

Гавацени во својот извештај наведува дека досега има само „траги“, но дека постоел „ценовник“ за убиства: „децата чинат повеќе, отколку мажите (по можност во униформа и вооружени), а старите лица би можеле да бидат убиени бесплатно“. Тој, исто така, се повикува на документарецот од 2022 година „Сараево Сафари“ од режисерот Миран Жупаниќ, во кој се појавува и анонимен сведок.

Во наредните недели, се очекува обвинителот Гобис да спроведе детална истрага и да ги испраша лицата именувани од авторот во извештајот.

Иако истрагата се фокусира на Италијанците, некои извори споменуваат и Американци, Канаѓани и Руси кои биле подготвени да платат за да „играат војна“. Поранешен босански разузнавач изјавил дека клиентите биле „сигурно многу богати луѓе“ кои „можеле да си дозволат таков адреналински наплив“.

Босанското разузнавање веруваше дека зад сето тоа стои Српската служба за државна безбедност, користејќи ја инфраструктурата на поранешната српска чартер компанија „Авиогенекс“. Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, се споменува како клучна фигура во операцијата.

Фото: ЕПА

Текстот Италија покренува истрага за „воени туристи“ кои пукале во цивили во Сараево е превземен од МАКФАКС.