Повеќе од половина од постоечкиот деловен софтвер би можел да биде заменет со вештачка интелигенција (ВИ), изјави Артур Менш, директор и основач на компанијата „Мистрал АИ“.
Неговите коментари доаѓаат во време на растечка загриженост кај инвеститорите за иднината на софтверските компании, чии акции во последните месеци бележат пад, објави „Си-Ен-Би-Си“.
Стравувањата дека вештачката интелигенција може да ги преземе функциите на постоечките деловни програми веќе доведоа до распродажба на акции на големи софтверски компании.
Инвеститорите се сè позагрижени дека ВИ може да ги извршува задачите за кои денес се користи деловен софтвер, што би можело да ги загрози бизнис-моделите засновани на софтвер како услуга (СааС).
Вредноста на фондот „Ајшерс експендед тех – софрвер сектор“, кој ги вклучува компании како „Мајкрософт“ и „Сејлсфорс“, паднала за повеќе од 20 проценти годинава. Пад бележат и акциите на големите индиски софтверски компании како „Тата Консултанси Сервисис“ и „Инфосис“.
„Проценувам дека повеќе од половина од она што ИТ-секторот моментално го набавува во форма на СааС ќе премине на вештачка интелигенција“, изјави Менш на маргините на самитот „АИ Импакт“ во Њу Делхи. „Вештачката интелигенција ни овозможува да развиваме софтвер со брзина на светлината“, додаде тој.
Менш објасни дека компаниите, со „соодветна инфраструктура“, можат да ги поврзат своите податоци со ВИ-системи и да создадат апликации за специфични деловни задачи.
„Кај нашите клиенти гледаме дека за само неколку дена можеме да создадеме целосно прилагодени апликации за управување со работни процеси, на пример за набавка или синџири на снабдување. Пред пет години за тоа ви беше потребен специјализиран СааС“, истакна тој.
Според него, во тек е „промена на платформите“, при што компаниите се насочуваат кон користење ВИ наместо постојните СааС-решенија.
„За нас тоа е голема можност, бидејќи повеќе од 100 деловни клиенти веќе ни се јавија со желба да го редизајнираат својот ИТ-систем. Сакаат да се ослободат од решенија купени пред 20 години, кои стануваат прескапи“, рече Менш. „Тие ја гледаат вештачката интелигенција како начин системот да стане поефикасен и поевтин.“
Сепак, Менш нагласи дека софтверот наменет за системи за складирање податоци „нема да се промени“, бидејќи тој е одговорен за податоците во организацијата и често функционира во соработка со ВИ.
Слично мислење има и Бипул Синха, директор на компанијата „Рубрик“, кој за „Си-Ен-Би-Си“ изјави дека „софтверот за работни процеси“ може да биде значително нарушен од ВИ, но дека софтверот за податочна инфраструктура што ја овозможува ВИ ќе има корист.
Менш потврди дека компанијата оваа година планира да отвори прва канцеларија во Индија, со што влегува на пазар каде што за удел се натпреваруваат сите глобални технолошки гиганти.
Мистрал веќе соработува со меѓународни компании присутни во Индија, а сега активно бара клиенти со седиште во земјата, и во јавниот и во приватниот сектор.
За разлика од Европа, каде што гради сопствени центри за податоци, во Индија компанијата ќе воспостави партнерства со фирми кои веќе имаат физичка инфраструктура.
Индиската влада го поттикнува развојот на ВИ-модели што можат да работат локално, со податоци складирани во рамки на земјата. Големите јазични модели на „Мистрал“ веќе поддржуваат повеќе индиски јазици, меѓу кои хинди и панџаби.
„Тоа е нешто што долгорочно ќе биде исклучително важно за индискиот потрошувачки пазар“, заклучи Менш.
Текстот ИТ-секторот пред пресврт: Вештачката интелигенција ќе замени половина од софтверот е превземен од МАКФАКС.























