Со почетокот на судењето на поранешните високи лидери на Ослободителната војска на Косово (ОНА) се отворија многу дилеми. Косовското општество и интелектуалците во ова земја се поделени околу ова прашање.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со политичкиот аналитичар Астрит Истрефи, извршен директор на Балкан Форум, истакната тинк-тенк организација од Косово.
Дали се создава опасен преседан со овој процес?
„Обвиненијата против поранешните борци за слободата на Косово, поединците кои ја мобилизираа светлата страна и праведната свест на светот, се закануваат да го создадат најопасниот преседан на демократскиот свет: осудата на праведната борба за слобода на еден народ на кој му се закануваше истребување и протерување“, изјави политичкиот аналитичар Истрефи за ЦИВИЛ Медиа.
Тој изјави дека интегритетот на процесот и самата институција сега се ставени на обвинителна клупа на Специјализираните комори на Косово со седиште во Хаг.
„Пред 24 години, борците за слобода, НАТО и демократските земји застанаа на страната на правдата, и ги натераа да интервенираат за да се стави крај на масакрот и масовното чистење на народот на Косово, како и грубото кршење на човековите права, на сите во Косово. Во основа, во овој судски процес се чини дека е обвинета борбата на човештвото за слобода, правда и демократија“, рече Истрефи.
Обвиненијата создаваат впечаток дека злото може да триумфира над правото
Во изјавата за ЦИВИЛ Медиа, Истрефи го анализира овој преседан и од аспект на актуелните настани.
„Во овој клучен момент од современата човечка историја, кога светот се соочува со најголемата закана за демократијата и човековите слободи кои доаѓаат од Русија, обвинети се луѓе кои во вистинско време биле на вистинската страна на историјата“, вели Истрефи.
За него е разбирливо што луѓето во Косово имаат крајно негативен впечаток за судскиот процес што се води против поранешните лидери на ОВК.
„Обвиненијата против поранешните лидери на ОВК создаваат впечаток дека злото може да триумфира над правото и вистината, доколку се достигне критичната мерка на занемарување на универзалните принципи на човековите права и слободи“, изјави Истрефи за ЦИВИЛ Медиа.
Зајакнување на руското влијание на Балканот
Според анализата на Истрефи, овој судски процес против против поранешните лидери на ОВК само ќе го зајакне влијанието на Русија на Балканот.
„Ова го зајакнува влијанието на Русија на Балканот, приближувајќи нè до опасна бездна за човештвото“, предупредува Истрефи во разговорот со ЦИВИЛ Медиа.
Што е познато за обвиненијата против поранешните лидери на ОВК?
Четворицата високи команданти на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК): Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото наводно извршени во Косово помеѓу 1998 и 2000 година. Обвинителството најави дека во овој процес ќе изведе 312 сведоци.
Хашим Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната во Косово во 1998-1999 година, до нејзиното распуштање. Кадри Весели беше шеф на разузнавањето на ОВК, Јакуп Красниќи беше портпарол на ОВК, додека Реџеп Селими беше член на Генералштабот на ОВК.
Специјалното обвинителство за Косово, со седиште во Хаг, ги товари за кривични дела прогон и затвор, и други нехумани дејствија, сурово постапување, тортура, убиства и присилно исчезнување на лица. Според наводите на обвинителството, злосторствата биле извршени во периодот од април 1998 до август 1999 година на повеќе локации во Косово и Албанија.
Фактите, ставовите и анализите на водечки интелектуалци во Косово и во регионот, ексклузивно на ЦИВИЛ Медиа
Со цел да придонесе кон расветлување на фактите и да ги приближи ставовите и анализите на водечки интелектуалци во Косово и во регионот и да поттикне аргументирана дебата на оваа тема во македонската јавност и пошироко, ЦИВИЛ Медиа стапи во комуникација со повеќе истакнати аналитичари и интелектуалци во Косово и регионот. На оваа медиумска платформа може да се најдат ексклузивни факти, ставови и анализи за оваа важна тема.
Без оглед на разликите во ставовите и анализите, несомнено е дека овој судски процес против поранешните лидери на ОВК во кој им се суди за наводни воени злосторства, претставува сериозен преседан чии последици може да бидат далекусежни, како за Косово, така и за целиот регион.
Назми Абдурахмани/ Цивил Медиа