Бугарија веќе не е најсиромашната држава во Европа, покажува истражување на швајцарската банка UBS. Земјата ја надминува Романија и Турција по просечно богатство, а по медијанско богатство ги остава зад себе и Чешка и Полска, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Според „Глобалниот извештај за богатството 2025“, во 2024 година просечното богатство по возрасен значително варира — од 29.923 евра во Турција до 634.584 евра во Швајцарија. Во ЕУ се движи меѓу 44.568 евра во Романија и 523.591 евра во Луксембург. Во Бугарија изнесува 47.798 евра.
Медијанското богатство се движи од 7.765 евра во Турција до 365.244 евра во Луксембург. Извештајот нагласува дека просекот често е повисок поради мал број многу богати лица, додека медијаната дава пореална слика за богатството.
Податоците покажуваат јасна поделба: Западна и Северна Европа се значително побогати од Источна Европа, а разликата меѓу најбогатите и најсиромашните држави надминува 20 пати.























