Речиси едно од четири лица може да не примаат вакцина против ковид-19 до 2022 година, затоа што богатите земји со помалку од 15 проценти од светската популација резервираа 51 процент од најперспективните дози, соопштија истражувачите од Универзитетот „Џон Хопкинс” во САД.

Тоа би значело дека останатата количина на вакцината ќе треба да биде поделена меѓу земјите со низок и со среден приход што опфаќаат над 85 проценти од светската популација, велат истражувачите. Според нив, ефективен пандемиски одговор бара од земјите со високи примања да учествуваат во правична дистрибуција на вакцините низ светот.

– Несигурноста во врска со глобалниот пристап до вакцините за ковид-19 се следи не само за време на клиничките испитувања, туку и поради неуспехот на владите и производителите на вакцини да бидат потранспарентни и одговорни во однос на овие аранжмани, сметаат истражувачите.

Студијата, исто така, наведува дека заклучно со 15 ноември, земјите со високи приходи порачале скоро 7,5 милијарди дози вакцини од 13 производители, вклучувајќи ги Јапонија, Австралија и Канада, кои заедно обезбедија повеќе од милијарда дози, иако во моментот даваат помалку од еден процент од тековните нови случаи на коронавирус.

Дури и ако вакцините од водечките производители го достигнат предвидениот максимален капацитет за производство, скоро 25 отсто од светската популација може да не прими вакцина уште една година или повеќе. Истражувачите од „Џон Хопкинс“, исто така, сметаат дека Ковакс механизмот, како институција на Светската здравствена организација (СЗО), може да има клучна улога во обезбедување на поправичен пристап до одобрени вакцини, иако обезбеди само 500 милиони дози или далеку под целта за доставување на најмалку две милијарди дози до крајот на 2021 година.