Поделено е мислењето на Македонците дека заканата од коронавирусот е претерана, а 70 отсто испитаници се согласуваат дека треба да има рестрикции на патувањата со цел да се спречи ширењето на вирусот.
49% од испитаниците во Македонија не би се вакцинирале дури и ако има вакцина против ковид-19 која е јавно достапна, безбедна и ефикасна, а 40% би се вакцинирале, покажува последното истражување за ставовите кон корона-кризата, спроведено од Меѓународната асоцијација Галуп Интернејшнл на крајот на 2020 година.
Според резултатите од истражувањето, граѓаните во Македонија се поделени во своите ставови на прашањето „Дали владата се справува добро со коронавирусот?“. Повеќе од половина од испитаниците (54%) сметаат дека владата не се справува добро. Од друга страна 44% од испитаниците имаат позитивен став на ова прашање, односно 8% од испитаниците потполно се согласуваат и 36% се согласуваат. Само 2% од испитаниците не се изјасниле.
Во однос на ограничувањата за патување помеѓу земјите – преовладува позитивен став кај испитаниците каде што 70% од испитаниците се согласуваат со овие рестрикции, 27% не се согласуваат и 3% од испитаниците не дале свој одговор. На прашањето „Дали сметате дека заканата од коронавирусот е претерана?“, граѓаните се поделени во своите мислења: 49% од испитаниците сметаат дека заканата е претерана, исто така, 49% сметаат дека заканата не е претерана, и 2% се со одговор „Не знам“. Дури 76% (35% потполно се согласуваат, 41% се согласуваат) од испитаниците изјавиле дека би ги жртвувале своите човечки права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот, додека само 21% не се согласуваат со оваа изјава (18% не се согласуваат, 3% воопшто не се согласуваат). 3% од испитаниците се без одговор на прашањето.
Прашање:„Ако има нова вакцина за коронавирусот (COVID-19) и стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна, јас би ја примил/а“. Негативниот став доминира во одговорите на испитаниците во однос на ова прашање, 49% од испитаниците не се согласуваат со оваа изјава (односно, 23% не се согласуваат, 26% воопшто не се согласуваат), додека 40% од нив се согласуваат (16% потполно се согласуваат и 24% се согласуваат). 12% од испитаниците немаат конкретен став за оваа изјава (не знам/ без одговор).
Испитаниците биле прашани и „Што би сторило мнозинството од населението во нашата земја, ако новата вакцина за коронавирусот стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна?“ Нивните одговори се скоро симетрично поделени, 28% сметаат дека мнозинството граѓани ќе се согласи да ја прими вакцината, 32% дека нема да се согласи и 36% од испитаниците сметаат дека граѓаните ќе бидат неодлучни. Во однос на личната подготвеност на испитаниците за вакцинирање воопшто, и влијанието на пандемијата коронавирус врз нивната подготвеност да се вакцинираат, 39% од испитаниците одговориле дека глобалната пандемија ја зголемила нивната подготвеност да се вакцинираат (односно, кај 13% од испитаниците многу ја зголемила подготвеноста, и кај 26% донекаде ја зголемила подготвеноста). Од друга страна, 26% од испитаниците се изјасниле дека пандемијата ја намалила нивната подготвеност да се вакцинираат (односно, 13% донекаде ја намалила нивната подготвеност, и 13% многу ја намалила). Кај 34% од испитаниците влијанието на пандемијата не го променило нивото гледиште за вакцините.
Во однос на прашањето „Дали би рекле дека глобалната пандемија на коронавирус ја зголеми подготвеноста на граѓаните да се вакцинираат, ја намали или остана непроменета? – 43% од испитаниците сметаат дека пандемијата влијае на граѓаните за зголемување на нивната подготвеност да примат вакцина, 29% сметаат дека ја намалила подготвеноста кај граѓаните и дека на 20% од граѓаните пандемијата не влијае да го сменат својот став за примање вакцина.
Мерките на владите одобрени во борбата против вирусот сѐ уште се поддржуваат
Поддршката на владите за справување со пандемијата ковид-19 е сè уште висока, но полека опаѓа. Во споредба со минатата пролет, опасноста од болеста исто така се смета висока, но сега на луѓето ширум светот им изгледа малку претерана. Ограничувањата за патување се широко прифатени како средство за борба против пандемијата. Жртвувањето на човековите права, исто така, не се без критики. Ставовите кон вакцините се прилично позитивни, иако сенка на сомнеж е сѐ уште значителна, дури и преовладува во голем број земји.
Ова се некои од најважните моменти на новото глобално истражување за ставовите кон корона-кризата, спроведено од Меѓународната асоцијација Галуп Интернејшнл на крајот на 2020 година.
Истражувањето опфаќа 47 земји низ светот и околу 45.000 возрасни граѓани, што претставува околу 2/3 од глобалното население.
Повеќе од половина од светската популација се согласува или потполно се согласува дека нивната влада добро се справува со коронавирусот. Две петтини не се согласуваат или силно не се согласуваат. Останатите се двоумат во својата проценка. Трите претходни бранови на анкети на Галуп откриваат дека поддршката на националните влади во врска со кризата ковид-19 останува постојано висока во текот на целата 2020 година. Сепак, сега се чини дека на крајот на годината првичното зајакнување на довербата на националните влади постепено се исцрпува и сега одобрувањето за постапките на владите кон пандемијата малку еродира. Ова може да се должи на грешките и недостатоците на властите во управувањето со кризи или само од фактот дека луѓето се запознаени со ситуацијата со пандемијата или дека се уморни од ограничувања.
Сликата на регионално ниво е доста разновидна – луѓето во Индија (86% од испитаниците се согласуваат или потполно се согласуваат дека нивната влада се справува добро во оваа ситуација) и Австралија (82%) се најзадоволни од начинот на кој нивната влада се справува со коронавирусот на крајот на 2020 година.
Луѓето во Азија како целина изгледаат задоволни од постапките на нивните влади кон коронавирусот. Граѓаните во САД, Европа и во Латинска Америка, од друга страна, сега се повеќе критични кон начинот на кој нивните влади се справуваат со пандемијата. Незадоволството од Владите е особено висока во однос на справување со корона кризата во Украина, САД, Велика Британија и во Босна и Херцеговина – повеќе од две третини од испитаниците изјавуваат дека не се задоволни од Владата.
Човекови права наспроти пандемијата – растечки проблем
Скоро три четвртини ширум светот изразуваат подготвеност да жртвуваат некои од своите човекови права ако тоа помага да се спречи ширењето на болеста. Една четвртина има спротивно мислење. Сепак, постои јасен тренд на намалување на подготвеноста да се жртвуваат човековите права. Се чини дека луѓето ширум светот го надминаа првичниот шок од новата болест и сега се повеќе неодлучни кога станува збор за откажување од некои од нивните права.
Во првите бранови на глобалното истражување во пролетта 2020 година, подготвеноста да се откажат од човековите права беше до 80% ширум светот, а во последниот бран е 70%. Голем дел од граѓаните во Индија, Австралија, Азија, Блискиот исток, Африка, но и западните земји во ЕУ се подготвени да жртвуваат некои од своите човекови права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на болеста. Луѓето во Русија, Латинска Америка, Источна ЕУ и САД не се толку подготвени да се откажат од своите човекови права, дури и ако тоа помага да се спречи ширењето на вирусот.
Ограничувањата за патувања очигледно веќе се гледаат како „ново нормално“. Повеќе од три четвртини од целиот свет се согласуваат или потполно се согласуваат дека ограничувањата на патувањето меѓу земјите се прифатливи во борбата против ширењето на коронавирусот. Една петтина не се согласува или потполно не се согласува. Поддршката за ограничувањата за патување ја покажува општествената соработка. Сепак, стравот доминира над слободната волја и ова е алармантен симптом за демократиите – една година по појавата на вирусот и неколку месеци по појавувањето на првите вакцини.
Дали е претерана заканата? Не е, светот не е сигурен сега како што беше во април и мај 2020 година
Повеќе од две петтини од анкетираните ширум светот се согласуваат или потполно се согласуваат со изјавата „Сметам дека заканата од коронавирусот е претерана“. Сепак, мнозинството не се согласува. Ставот дека заканата е всушност претерана е во пораст. На пример, минатата година, глобалното јавно мислење за тоа прашање било подеднакво распространето. Подоцна, за време на т.н. прв врв на болеста, приврзаниците на ова мислење се намалиле на третина од испитаниците, додека оние кои не се согласуваат биле близу две третини. Во летниот период, сепак, со намалување на бројот на регистрирани ковид-19 случаи, верувањето во „претерување на проблемот“ повторно почна да расте. Иако бројот на нови случаи повторно се зголеми на есен и многу земји низ светот беа погодени од очекуваниот втор бран на коронавирус, трендот на растечко убедување дека кризата е претерана продолжува и на крајот на 2020 година.
Вакцини за мене и за мојата земја
Вакцините против ковид-19 и вакцините генерално наидуваат на доверба низ целиот свет. Сепак, во некои земји неподготвеноста кон можна вакцинација ја надминува подготвеноста, дури и ако вакцините се сметаат за безбедни и ефикасни. Она што станува очигледно, е потребата од повеќе објаснувања од медицински експерти и јавни власти за да се убедат луѓето во безбедноста на вакцините.
Повеќе од две третини од луѓето ширум светот велат дека би примиле вакцина ковид-19, ако е јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна. Една четвртина, сепак, е поверојатно би ја одбиле можноста за примање на вакцина. Помалку од 10% се двоумат околу тоа прашање. Највисока неподготвеност кон новата вакцинација против ковид-19 покажува народот на Босна и Херцеговина, Србија, Чешка и други европски земји. Дури и во овие земји, сепак, нема јасно мнозинство против можноста за ковид-19 вакцинација. Делот на оние кои се подготвени да се вакцинираат и оние кои се поколебливи се скоро еднакви.
Мнозинството од испитаниците ширум светот веруваат дека повеќето луѓе во нивната земја би се вакцинирале доколку постои достапна вакцина против коронавирус која се смета за безбедна и ефикасна. Други 17% сметаат дека мнозинството во нивната земја нема да се согласи да се вакцинира, а 22% мислат дека нема да има изразено мнозинство на ова прашање. Како и да е, се чини дека ширум светот глобалното мнозинство верува дека повеќето од населението повеќе би сакале да се вакцинираат во нивната земја, доколку новата ковид-19 вакцина е достапна и се смета за безбедна и ефикасна.
Се чини дека глобалната пандемија на коронавирус, исто така, ги направи мнозинството луѓе ширум светот да се повеќе подготвени за вакцинирање генерално – 50% од испитаниците го делат ова мислење. Сепак, 18% тврдат дека пандемијата ја намалила веројатноста дека ќе се вакцинираат. 28% велат дека нема промена во нивниот став кон вакцините. Луѓето во Индија, Азија и Блискиот Исток изгледа дека се повеќе склони да се вакцинираат генерално по почетокот на пандемијата. Спротивно на тоа, луѓето во ЕУ и Европа, како и во САД, најчесто велат дека немало промена во нивниот поглед кон вакцините.
Како целина, се чини дека никаде во светот пандемијата со коронавирусот не создала значително негативни ставови кон вакцините генерално. Околу една петтина од сите испитаници во различни региони споделуваат дека сега е помалку веројатно или многу помалку веројатно да се вакцинираат. Најголем дел од нив се на Блискиот исток и Европа (главно во источните земји на ЕУ и земјите надвор од ЕУ).
– Ако светот ја прифати таканаречената „нова нормалност“ родена за време на тековната корона криза, најголемата жртва ќе биде системот на западни вредности. „Демократијата е на коцка“ има сепак претеран драматичен вкус во оваа изјава. Авторитарните режими се чини дека се поефикасни во борбата против пандемијата. Повеќето од западните влади/во поширока смисла /имаат тенденција да го следат пристапот на Пекинг, а потоа на Стокхолм во нивните обиди да го запрат ширењето на болеста и потоа се прашуваат зошто не успеваат. Човековите права во меѓувреме се топат како пролетен снег пред дилемата слобода или живот. Ова сепак може да звучи шпекулативно во однос на жртвите на генерации во епската историја на борба за индивидуални права за слободен избор, слободно патување и слобода на контакти. Демократијата се чини дека еволуира во болница, но сепак има шанса да се избегне тоа? – вели Канчо Стојчев, претседател на Mеѓународната асоцијација Галуп Интернејшнл.
Вкупно 44.796 лица во 47 земји биле интервјуирани на глобално ниво. Во секоја земја репрезентативен примерок од околу 1.000 мажи и жени е интервјуиран во текот на октомври -декември 2020 година лице в лице, преку телефон или преку интернет. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу +3-5% на 95% ниво на доверба. Во РС Македонија истражувањето го спроведе БРИМА со телефонска анкета со репрезентативен примерок од 500 испитаници.
Преземено од plusinfo.mk