Во секоја кујна секојдневно се користи сунѓерот за миење садови, но малкумина размислуваат колку бактерии може да се задржат во него и колку често треба да се менува. Според истражување на професорка по клиничка микробиологија од Универзитетот во Лестер, сунѓерите можат да станат легло на микроорганизми за само неколку часа употреба, поради што се препорачува нивна почеста замена.
Корисниците на Редит имаат различни ставови. Така, едно лице напишало: „Треба да се менува на седум или 14 дена. Држам неколку под мијалникот, а купувам на големо“.
Друг корисник вели: „Ако сунѓерот го користите секој ден, дефинитивно треба да го смените на крајот од неделата. Чувајте го чист и сув кога не е во употреба“.
Има и такви кои се толку загрижени за бактериите што целосно се откажале од сунѓерите.
„Не ги користам. Стравувам дека ќе станат легло на бактерии“, навел еден корисник, а друг додал: „Немам сунѓери! Ми се гадат“.
За да ја разрешат дилемата, д-р Примроуз Фристон, професорка по клиничка микробиологија на Универзитетот во Лестер и нејзините колеги спровеле експеримент во кој користеле сунѓери во различни временски периоди – од еден ден до дури пет месеци. За време на експериментот повремено ги дезинфицирале, а на крај ги анализирале микроорганизмите присутни на нив.
Резултатите биле, благо речено, загрижувачки, пренесува „Дејли мејл“.
По само 14 часа употреба бил пронајден „значителен број бактерии“ – дури и по миење со антибактериски детергент за садови и топла вода.
Сунѓер стар три дена бил „колонизиран со бактерии“, додека на оние стари два и пет месеци биле пронајдени докази за „габични колонии“.
Говорејќи за конкретните микроорганизми, д-р Фристон предупредува: „Било кој вид микроб што се наоѓа во вашата кујна или со што и да дошол во контакт сунѓерот – ќе се најде на него“, објаснила таа.
Тоа вклучува салмонела, па дури и бактерии отпорни на антибиотици. Врз основа на наодите, таа советува користење нов сунѓер секој ден.
„Сунѓерите не се скапи, па мојот совет е да ги менувате секој ден“, порачала таа.
Многу противници на сунѓерите предлагаат преминување на четки за миење садови.
„Престанав да ги користам и преминав на четки кога сфатив колку се одвратни. Четката ја менувам на секои два месеца“, навел еден корисник.
Друг додал: „Престанавме да користиме сунѓери. За садови што мора рачно да се мијат имаме четка со рачка во која се сипува детергент“.
Според д-р Фристон, овој пристап има смисла – но со претпазливост.
„Четките би можеле да бидат подобра опција од сунѓерите“, рекла таа, нагласувајќи дека и тие со текот на времето можат да станат легло на штетни микроорганизми.
Текстот Истражување открива колку често треба да се менува сунѓерот за миење садови е превземен од МАКФАКС.























