Најголем дел од средношколците во Велес без разлика на пол, умешно препознаваат што е насилство/семејно насилство, свесни се за видовите на насилсво и знаат каде треба да се обратат доколку се’ или познаваат некој кој е жртва на семејно насилство, како и за тоа што би добиле при психолошка поддршка, е оценка на спроведеното истражување на Организација на жени на Општина  Велес на тема „Младите и нивното препознавање на семејното насилство“ под слоганот „КАЖИ НЕ на насилството врз жени и девојчиња“.

Организацијата на жени на Општина Велес со подршка од општинскта Комисија за еднакви можности и велешката полиција денеска и вчера имаше средби во некои од средни училишта во Велес каде ги информира за резулатите од спроведеното истражување со средношколците.

Психологот Ангелина Димовска Стојанова која го спроведе истражувањето и ги сумира резултатите, за МИА информира  дека единствена разлика во однос на полот била  воочена во начинот на постапување / помагање  доколку познаваат некој кој е жртва на насилство.

-Испитаниците од женски пол едногласно би побарале помош во полиција, во центар за социјална работа, би побарале помош од родител или психолог. Додека испитаниците од машки пол најчесто дадоа одговор дека на насилството би возвратиле со насилство односно би му се спротиставиле на насилникот, појасни Димовска Стојанова.

Таа информира дека биле  опфатени вкупно 100 испитаници од кои 52 од женски и 48 од  машки пол.

Појасни дека цел на ова истражување било да се увиди колку младите знаат што преставува насилство / семејно насилство, дали ги знаат видовите на насилство, како би препознале жртва на насилство, каде би побарале помош доколку се или познаваат некој кој е жртва на семејно насилство, како и што би добиле при психолошка поддршка.

Таа  посочува дека генералниот заклучок на овој труд е итноста за потребата да се одговори најскоро на овој глобален проблем со семејното насилство, така што, ќе се преземат сите неопходни мерки од надлежните органи со цел да се изврши негова превенција.

– Kарактеристично е тоа што, во сите области каде што се јавува семејното насилство, последнователните услуги преовладуваат над превентивните интервенции. Напротив  потребно е да се посвети повеќе внимание и навреме да се идентификуваат жртвите и формите на семејното насилство, се со цел да се намали бројот на лицата што се жртви на семејно насилство во иднина. семејното насилство. Посебно врз жените и децата, мора да се сфати како социоекономски проблем, отколку како приватно прашање, што најчесто и многу лесно се игнорира, потенцира Димовска Стојанова.

Таа како психолог ги даде  следните пропораки: промовирање на општествени и културни вредности на однесување кои се засноваат врз еднаквост на жените и мажите, воведување програми за ненасилно однесување од најрана возраст во предучилишните установи, на програми за ненасилно однесување и разбирање на родовата еднаквост во основните училишта, воведување програми за развивање способности за мирно решавање на конфликти, разбирање и вреднување на принципот за еднаквите можности помеѓу жените и мажите во средните училишта, воведување на програми за развивање на способности за мирно решавање на конфликти, почитување на достоинството на личноста.

Воедно препорачува и недискриминација и еднаквоста помеѓу мажите и жените во високо образовните институции, обезбедување стручна советодавна и советувалишна работа во советувалишта за брак и семејство, центрите за социјална работа и други институции, спроведување на кампањи или програми за подигнување на свеста и разбирањето на општата јавност за препознавање и последиците од семејното насилство, воведување на контунуирани обуки за стручните лица за извршување на работите од својата надлежност и родово засновано насилство.

-Избегнување на секаква дискриминација на мажите и жените. Потребна е добра и квалитетна меѓусекторска соработка помеѓу установите, НВО  сектор, локална самоуправа, и потребно е системски и институционално да се влијаае на борба против семејно насилство како и заштита на жртвата, порачува психологот Ангелина Димовска Стојанова.