Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против лице на возраст од 18 години, поради основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Родосквернавење од член 194 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што се наведува во соопштението од ЈОРМ, осомничениот на 15 јули 2021 година, околу 14:30 часот извршил обљуба со крвен сродник во права линија, дете на возраст од 12 години. Осомничениот ја пресретнал оштетената на пат и послужувајќи се со лага ја насочил да се движи кон блиската продавница. По патот, во близина на стадион, тој започнал да ја влече оштетената за рака и насилно ја внел во тоалетите на објектот, каде преземал дејствија со кои го извршил кривичното дело.
-Поради тежината на стореното кривично дело за кое е запретена казна затвор од најмалку 10 години, како и околности кои укажуваат на опасност од бегство, страв дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, обвинителството до надлежниот суд достави Предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице, стои во соопштението.
Предлогот на Обвинителството е прифатен и Основниот суд Гостивар со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
СВР Тетово, претходно, денеска, соопшти дека 18- годишник од гостиварско е задржан во полиција и изведен пред надлежен судија под сомнение дека сексуално злоупотребил малолетна девојка, која му била роднина.