Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 31-годишен прилепчанец поради сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
-Во текот на вчерашниот ден осомничениот неовластено заради продажба држел наркотична дрога – хероин во вкупна количина од 19,91 грама сместена во две пакувања и тоа пакување со тежина од 10,06 грама и пакување со тежина од 9,85 грама. Откако неовластено заради продажба ја купил предметната наркотична дрога од засега неидентификувано лице во населба Сингелиќ во Скопје, осомничениот со такси-возило се упатил кон Прилеп, информира јавното обвинителство Велес.
ЈО посочи дека при извршен преглед над осомничениот на наплатна станица Сопот кај Велес, дрогата била пронајдена и одземена од страна на полициски службеници, а лицето е лишено од слобода. Имајќи предвид дека постои опасност од повторување на кривичното дело, со оглед на неговата досегашна повеќекратна осудуваност за истото кривично дело, но и за други кривични дела против имотот, обвинителството достави Предлог за определување притвор. Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Велес го прифати предлогот и на осомничениот со решение му определи мерка притвор во траење од 30 дена.