Македонија и официјално бара екстрадиција на Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешкоски. Министерството за правда го испрати барањето до соодветното министерство во Бугарија. Барањето е испратено во текот на вчерашниот ден по комплетирањето на документацијата, а е потпишано од министерот за правда Бојан Маричиќ.

Спасов го претепа младиот Нешкоски до смрт на победничката прослава на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година на плоштад „Македонија“, во центарот на Скопје. Осуден е на 14 години затвор. Иако почна да ја одлежува казната, пред крајот на 2019-та година избега од затворот во Идризово. Уапсен е во Софија пред неколку дена откако бил пријавен за семејно насилство од една девојка. Откако бил легитимиран и проверен, бугарските власти видетел дека се бара со меѓународна потерница, па го контактирале македонското МВР.