Се разбудив еден ден со целосно натопен преден дел на мојата ноќница. Телото ме болеше, левата дојка ми пулсираше и отекуваше, а јас се виткав од болка и студ. Дали се разболев? Дали е ова грип? Морав да сфатам што се случува…
Маститисот е воспаление на ткивото на дојките, а се карактеризира со појава на болни, врели отоци на дојката. Најчесто се појавува кај жените што дојат (лактациски маститис), но во ретки случаи може да се појави и кај жените кои не дојат. Mаститисот е најчест во текот на првите шест месеци од доењето на бебето. Може многу лесно да ја обесхрабри новата мајка и да ѝ предизвика непријатност при доењето. Пoради оваа состојба, жената се чувствува исцрпено, а понекогаш мајките прерано престануваат со доење.
Ви ја пренесуваме исповедта на мајката Бренди Рајли за порталот „Babycenter“:
„Се разбудив еден ден со целосно натопен преден дел на мојата ноќница. Телото ме болеше, левата дојка ми пулсираше и отекуваше, а јас се виткав од болка и студ. Дали сум болна? Дали е ова грип? Морав да сфатам што се случува…
Мојот син има 10 месеци. Последен пат го доев околу три часот наутро, тој никогаш не го одбива млекото, но болката што ми „пукаше“ од градите при секое цицање беше неподнослива! Ги стиснав усните, ги стиснав очите и се молев времето да помине брзо. Го доев неколку минути пред повторно да заспие. Го разбудив сопругот за да го информирам дека ми треба помош. Ќе мора да ми помогне да ја одведеме нашата ќерка на училиште, а не ни помислував дека ќе можам да се грижам за бебето. Сопругот тоа утро прво имаше важен состанок што не можеше да го пропушти, но за среќа, беше сè уште доволно рано да се смисли план. Дури и со наметката над пижамите, сè уште ми беше ладно. Земав ибупрофен и почнав да размислувам дали треба да одам во итната служба во болницата или не.
2. час – Сопругот отиде на состанок, го стави бебето во креветчето и вратата полуотворена за да можам да го слушам. Тој вети дека ќе дојде дома веднаш по состанокот за да можеме да одиме на лекар. Во меѓувреме, останав во креветот, тресејќи се и потејќи се. За среќа, мојот син беше мирен и задоволен со своите житарки сè додека не дојде мојата свекрва. Цело време додека лежев во креветот, морав да одам во тоалетот, но не успеав да соберам енергија за да се спуштам по скалите. Помеѓу болката, студот и потребата да одам бев кутра, за жалење.
3. час – Ординацијата на мојата докторка беше отворена, па се јавив за да видам дали можам да добијам итен преглед. Докторката не беше достапна, но рецепционерката рече дека таа ќе ја проследи пораката и наскоро ќе добијам повратен повик. Ибупрофенот не ми помогна, затоа зедов ацетаминофен. Грејачката подлога на моите гради сепак ми ја ублажи болката.
4. час – Сопругот се врати дома и ми свари топол чај. Ми помогна да се спуштам по скалите до бањата. Кога отиде да ми го донесе чајот, одвај успеав да ги измијам рацете. Легнав на подот бидејќи чувствував дека ќе се онесвестам. Се испотив, бев врела, се чувствував дека ќе паднам секој миг. Кога дојде горе, сопругот седеше на подот со мене сè додека не успеав да добијам доволно енергија за да станам, по што тој ме однесе по скалите до спалната соба. Тогаш одлучивме да не чекаме да ми се јави докторката и одбравме термин за состанок во нашата локална амбуланта за итни случаи.
5. час – Не можев да ги облечам панталоните. Се чувствував истоштено и немав физичка способност да се облекувам, но моравме да одиме во собата за итни случаи. Сопругот ми помогна да ги облечам панталоните и маицата и полека стасавме до автомобилот. Додека возевме до клиниката, цело време се тресев. Конечно пристигнавме таму и најдовме паркинг пред зградата, му благодарам на Господ! Можев да се приближам до влезната врата, но штом влегов, паднав на столот во холот. Се пријавив седејќи во грч на столот, довикнувајќи ги моите податоци до рецепционерот и ме повикаа неколку минути подоцна. Медицинската сестра ми го провери крвниот притисок и ми даде тест за грип. Кога докторот влезе, направи брз преглед на моите дојки и ми дијагностицираше маститис.
Бидејќи бев во рана фаза, најдобро би било да се вратам дома со антибиотици, но крвниот притисок ми беше навистина низок. Лекарот сакаше да провери со докторот од брзата помош дали може да си одам дома. Додека чекав да ми се јави, ми дадоа да пијам чаша по чаша ладна вода за да се обидам да го зголемам крвниот притисок. Лекарот ми предложи агресивно лекување на маститисот со лекови и ме пушти дома самостојно да се надгледувам. Примив инјекција и добив рецепт за повеќе антибиотици што треба да се земаат на секои шест часа во текот 10 дена.
6. час – Конечно, крвниот притисок се искачи до она ниво, за лекарот од брзата помош да биде сигурен за да ме испрати дома. По испиената вода си дојдов малку при себе и без проблеми стасав до автомобилот. Се упативме кон аптеката по лекови, а потоа дома за да можам повеќе да се одморам.
За среќа, мојот маститис беше „фатен“ во рана фаза. Она низ што јас поминав беше ништо во споредба со она со што некои жени се борат кога ќе го добијат.
Најстрашниот дел од маститисот е стравот дека бактериите можат да влезат во крвотокот и дека телото може да дојде во септички шок. Благодарна сум што не дојдов до таа точка, но тоа беше одличен потсетник сериозно да ги сфатам здравствените проблеми.“
Што е маститис и како се лекува?
Лекувањето на маститисот вклучува обилни количини течности и антибиотици насочени против Staphylococcus aureus, која е најчест причинител на состојбата. Местото низ кое влегува инфекцијата се пукнатините на брадавиците. Овие пукнатини настануваат поради ослабениот организам на мајката или исцрпеноста и како последица на затворените млечни канали. Испуканите брадавици се јавуваат и кај неправилното доење, со повлечени или многу сплоснати брадавици. Инфекцијата настанува од брадавицата на дојката и се шири преку млечните каналчиња. Појдовната точка на инфекцијата е испуканата брадавица која се нарекува рагада, а најчести причини на маститисот за време на доењето се стафилокока и стрептокока.
Отечената и многу болната дојка со напната и црвена кожа се речиси сигурен показател на воспаление. Најчесто почнува еднострано, но може да ги зафати и двете дојки. Покрај тоа, постои и зголемена телесна температура и лоша општа состојба на целиот организам.
Преполнетоста на дојките и маститисот имаат некои слични симптоми, па мајките понекогаш непотребно паничат. Пред потполното воспоставување на лактацијата, веднаш по породувањето често доаѓа до преполнетост на дојките. Во тој случај, здравствената состојба на мајката обично не е нарушена, а преполнетоста често се појавува кај двете дојки. Маститисот е воспаление на дојката, кое бара лекарска помош.
Преполнетоста на дојките се лекува со редовно доење, со примена на топли облоги и со масирање на дојките пред доењето. Со таквите мерки се поттикнува лактацијата и се спречува застојот на млекото во млечните каналчиња. Застојот на млекото во каналчињата е погоден за населување на бактерии и ако правовремено не се препознае, настанува инфекција – маститис. Меѓутоа, застојот на млекото во дојката нема да предизвика маститис, доколку не постои и инфекција.
Кај маститисот е најдобро привремено да се престане со доење, но мајката треба да продолжи со интензивно празнење на дојката со примена на антибиотска терапија и студени облоги. Доколку дојде до формирање на апцес во поткожното ткиво, неопходна е и хируршка интервенција. Терапијата на испукани брадавици подразбира употреба на кортизонски креми по секое доење, обично не подолго од два дена.