На денешното судење за случајот „Жан Митрев“ сведочеа сведоци, роднини на починати при лекување во болницата „Жан Митрев“.
На прашања од јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, сведокот чиј што сопруг починал во болницата при лекувањето против коронавирусот изјави „да ги немав тие пари немаше да го префрлам од инфективна“.
Сведокот, како и претходниот, рече дека не сакале да го примат нејзиниот сопруг на лекување пред да бидат уплатени парите потребни за третманот во болницата, а откако уплатиле и пациентот бил примен, таа немала никаква информација за понатамошното лекување.
Не можев да дојдам до доктор, до информации, дали е умрен, дали е жив, а приватна болница е, сметав дека ќе има нега, ќе има информации, рече сведокот.
Според сведокот, како што рече „,во ковид времето, таа болница беше ужас и агонија“.
Можеби имаа работа, беа зафатени со ковидот, но, тие се приватна болница и им се дадени многу пари, требаше да обезбедат некој да дава информации, рече таа.
На прашање од обвинителката, сведокот изјави дека се чувствува измамено и дека предјавува имотно-правно побарување.
Прашана од одбраната, дали забележала дека во отпусното писмо е наведено дека нејзиниот сопруг е примен со периферна кислородна сатурација 75 проценти со кислородна поддршка, таа одговори да.
Потоа бранителот праша дали може да заклучи дека пациент со 75 проценти периферна кислородна сатурација, со кислородна поддршка од 10 литри не е средно тежок пациент, туку исклучително тежок случај, таа одговори не.
Потоа сведокот беше прашан дали може да се заклучи дека нејзиниот сопруг имал артериска хипертензија, обезност и хиперлипидемија, на што таа одговори не, а потоа, на дополнително прашање дали забележала дека во отпусната листа е наведено обезност, хипертензија и хиперлипидемија одговори дека видела, но, како што рече, не верува.
Прашана дали емисијата „Нечиста крв“ на ИРЛ, ѝ го оформила заклучокот дека хемофилтрацијата е причина за смртта на нејзиниот сопруг, таа рече не.
Прашана дали д-р Жан Митрев, т.е. неговата клиника, преку анестезиолозите одговорни за интензивна нега, правеле сѐ од себе да го спасат животот, таа одговори да.
Прашана дали лекарот Жан Митрев кажал дека хемофилтрацијата лекува од Ковид-19, таа одговори, како што рече „не се сеќавам дали рекол нешто, но многу ја фалеше“.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. Судењето продолжува на 4 јули со испитување на сведок на предлог на обвинителството