Иако, политиката претставува работа како и секоја друга, кај нас, на истата не се гледа токму со тие очи. Токму затоа, денешната приказна, нема да биде за Стефан Богоев – политичарот, туку за Стефан Богоев – човекот. Бидејќи, Стефан, несомнено е човек, како сите нас, човек кој грешел и ќе греши, и во работата и во приватниот живот, но има доблест тоа да го признае. Има доблест да научи лекција од грешките во минатото, а да се радува на успесите. Стефан е млад, а искрен. Таков беше во оваа интервју, верувам дека е таков секогаш. Во продолжение, ова е приказната за Стефан Богоев, нашиот другар од маало, од училишните клупи, од дискотеките…
– Израснав на „Млечен“, на плочникот кај „Ли“ кафе и во училишниот двор на основното училиште „Војдан Чернодрински“, каде што го завршив и моето основно образование. Голем дел од времето минував и кај Универзалната сала, но генерално се движев и дружев на „Млечен“. Имав сосема нормално и среќно детство. Со маалски дружби до доцните вечерни часови, играње на баскет и фудбал, седенки, кои можеби за денешната младина и не се толку карактеристични. Од детството паметам многу убави, среќни моменти. Дел од нив се поврзани со фудбалот. Играв со особена љубов и задоволство. Можеби имало несреќни моменти, маалски караници, спротивставувања со младите од други населби, општини, но и тие случки се белези на моето детство кои со задоволство ги паметам. Да не го заборавам и маалското куче Мац, кое сите многу го сакавме. Уфф, ме наврати на навистина убави и далечни сеќавања, од сегашна перспектива, раскажува Стефан.
Вели дека, за него постојат повеќе настани, кои од денешна дистанца, претставувале лекција од која тој се изградил како личност. Како дете бил бунтовен, честопати и немирен. Советите од класниот раководител и останатите предметни наставници, смета дека и тоа како му помогнале, иако во тој даден момент не ги сфаќал сериозно, напротив, ги сметал како „закана“ и страв, и додава:
– Сметам дека периодот со другарките и другарите поминат на платото на „Млечен“, во школскиот двор на „Војдан“ ме направија подобра личност. Зошто? Затоа што во секоја од дружбите имаше моменти на поддршка, солидарност, другарство, критика… Дали е тоа кога сме играле фудбал, граница или друга маалска игра, овие вредности провејувале во моето детство. Нема ништо поважно од искрено другарство, од тим на луѓе кои те поддржуваат, ти даваат енергија, но и те критикуваат кога е потребно.
Својата приказна Стефан ја продолжува сосема искрено, раскажувајќи како бил пргав тинејџер, бунтовен ученик, кој знаел да направи проблеми и за време на часовите и големите одмори. Иако, не биле тоа кој знае какви проблеми, сепак, биле доволно „големи“ неговите родители да бидат загрижени, па дури и да бидат повикани на разговор во училиштето.
– Кога станува збор за родителите, се надевам дека со работата денес, ќе ми простат за лудориите од раната младост. Иако, искрено, за најголемите случки не жалам. Тие се дел од мене, од мојот маалски живот, младост, период на кој сум особено горд и среќен, додава тој, и продолжува:
– Сакав и да излегувам, да одам во кафуле, диско, го сакав ноќниот живот. Во споредба со денес мислам дека „во мое време“ се знаеше кој каде може/треба да излегува. Денеска, независно од возраста сите можат да се најдат на едно место, во еден бар или слично.
Стефан смета дека не постои човек, кој, кога би можел да се врати во минатото, не би направил нешто поинаку. Сепак, самиот тој, секогаш се трудел, во тие дадени моменти и околности, да ги донесе најдобрите одлуки. Во тој контекст вели:
– И нашиот однос кон другарите во училиште, во маало верувајте дека е многу важен. Затоа што сето тоа подоцна се пресликува во животот. Никогаш, ама буквално никогаш не ми бил примарен личниот интерес туку она што е добро и корисно за граѓаните, институцијата, организацијата.
– Кога пораснавте? Кога знаевте што сакате да бидете во животот и тргнавте кон тоа?
– Веројатно кога бев избран за претседател на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ). Гласањето беше тајно, имав противкандидат и целата таа кампања навистина беше тешка, но ме изгради и како личност и како политичар. Тогаш, навистина сфатив што е другарство и искреност, но што е и дволичност, личен интерес, па и политички „пазар“. Во тие моменти навистина ми помогна мојот покоен другар Трајче Нешковски, кој во мандатот додека бев претседател на СДММ, тој беше генерален секретар на младината. И мислам дека многу работи немааа да бидат исти, без неговата поддршка, непоколебливост, организација и другарство. Ужасно ми недостасува.
Иако Стефан Богоев е припадник на одредена партиска идеологија, сепак смета дека постојат граници, кои ниту еден политичар, па и ниту еден човек, не смее да ги премине, во име на професијата. За него тие граници се: навредите на лична основа, измислиците за приватниот дел, семејството, твоите блиски, и додава:
– Точно, јас сум јавна личност и кога сум влегол во оваа професија, сум расчистил дека ќе бидам подлежен на критика. Не е реално и не е нормално сите да те сакаат, но сметам дека спротиставувањата и критиките секогаш треба да се базираат на аргументи за работењето, а не за приватноста. И искрено се надевам дека како општество ќе созрееме и ќе умееме да препознаеме дека кога доминираат лични навреди, всушност недостасуваат вистински аргументи за работењето. И постоеле ситуации кога заради мене и мојата политичка улога, вклучуваат мои блиски, што ми паѓа тешко и не се чувствувам пријатно.
Како градоначални, Стефан Богоев, добивал многу „непристојни“ предлози и имал големи притисоци. Како што и претходно има изјавено за Слободен печат, тој „не ѝ се погодил на урбаната мафија“.
Приватна архива- Како човек, но и како градоначалник немам ништо против законско остварување на одредено право. Но, се „ежам“, па и често се нервирам кога мислат дека во Карпош важи истиот принцип како порано, кога претставници на урбаната мафија „каубојски“ влегувале во општината и нарачувале носење на детални урбанистички планови. Тоа време е минато и притисоците се залудни, категоричен е Стефан Богоев.
Иако, неговата професија е стесна и одговорна, Стефан има доволно време за себе и своите блиски, бидејќи, како што вели, не верува во 24/7 работење. Токму поради таа перцепција на деноноќно работење, смета дека сè уште ги чувствуаме последиците.
– Периодов често одам на Водно. Гледам ова да го практикувам за време на викендите, празниците… Заедно со мојата сопруга Ивана, но и со нашиот нов член, малтезерот Бенџи, и наши пријатели, сакаме за момент да здивнеме од урбаниот хаос и да одиме на планина. Го сакам и Охрид (особено во овој дел од сезоната). Но, не може ништо да ми замени плажа и сонце. Летен тип сум и сакам кога е топло и може да се ужива покрај море. Ќе заборавев, но тука е и „Netflix“ и „HBO“. Ако ви треба препорака за добра серија, документарец, тука сум, со насмевка зборува нашиот соговорник.
Што најмногу Ви недостасува од животот кој го живееше нашата генерација? Што е она кое жалите што нема да го видат и доживеат вашите деца?
– Па, повеќе ја нема спонтаноста, непосредноста и директната комуникација. Во кафулињата, ноќните барови речиси и да нема комуникација меѓу младите и таа е заменета со „скролање“ по мобилниот телефон. Ако се навратам во мојата рана младост, не беше така. Повеќе се дружевме, се запознававме и сите тие вечерни излегувања, дружби, летувања имаа повеќе душа и смисла. Не сакам да звучи носталгично. Апсолутно дека секој период и секоја младост е посебна, верувам и убава, но мислам дека новите генерации треба да доживеат повеќе искрена комуникација и reaction – от и сторито на Инстаграм, да го заменат со разговор, комплимент и слично. Да, фали повеќе вистинска забава.