Илина КАЦХИНСКЕ

Секоја генерација има свои предизвици. За нашата, тоа е несомнено зависноста од екрани која има далекусежни и сериозни последици по здравјето како и кон социјалниот, образовниот и емотивниот развој на човекот (Kirmayer et al., 2013). Иако сите сме делумно свесни за негативните последици од оваа зависност, со секоја нова студија статистиката е се позастрашувачка. Но, и без резултатите од научните студии, на сите ни е јасно каков ефект имаат екраните врз нас. Кога последен пат сме поминале ден без интернет пребарување или пак вртење на содржини по социјалните мрежи?

Сепак, во овој текст нема да пишувам за зависноста на возрасните, ниту пак за придобивките од дигиталните медиуми, туку за изгубените моменти на тука и сега и за навиките кои нашите деца ги стекнуваат, а ние немо ги поддржуваме, не верувајќи дека единственото нешто што е потребно е само да кажеме НЕ (и да образложиме зошто не). Еден од најчестите одговори кои го давале повозрасните луѓе кога биле прашани за што најмногу жалат, било дека не поминале поквалитетно време со своите деца. Да се „разбудиме“ и да им се посветиме кога најмногу сме им потребни.

За да се осврнеме на децата и нивната се поголема зависност од „инстант фикс“, допамин стимулации и достапни содржини кога сакаат и колку сакаат, битно е да се запрашаме од каде ние како родители црпиме знаења и формираме наши воспитни философии. Воглавно, постојат три главни извори: нашиот инстинкт, советите од потесното семејство и непосредната физичка и дигитална околина и научната литература. Бидејќи не секогаш советите што ги добиваме или трендот во едно општество се во хармонија со тоа што ни го предочува нашиот инстинкт или научна литература, важно е да бидеме свесни за тоа и постојано да се информираме. Конкретно во случајот на децата и зависноста од екрани, инстинктот кој сите ние го имаме и сознанијата од многубројните научни истражувања откриваат една застрашувачка и поразувачка вистина која не смее да се релативизира: зголемено време пред екрани на сметка на други активности, дефицит во когнитивниот развој, проблеми со генерално здравје и стекнување навики кои негативно влијаат врз понатамошниот успех.

Зголемено време пред екрани

Ако во 2015 година адолесцентите на возраст од 13 до 18 години поминувале во просек по 6,6 часа на ден пред екрани (телевизор, телефони, компјутер, видео игри, видео стриминг), а деца од 8 до 12 годишна возраст по 4,5 саати, користењето на дигитални медиуми значително се зголеми во последните две години, покажува најновата Common Sense студија направена на популација на деца од 8 до 18 години. Генерално, момчињата користат повеќе екрани отколку девојчиња и деца од семејства со повисоки приходи поминуваат многу помалку пред екраните од деца од семејства со среден или низок приход. Најголемо зголемување на време поминато пред екрани се забележува кај деца од основно образование (6-10 години) со 1.4 саати на ден, според мета-анализа на 89 научни студии (Trott, 2022). Студијата исто така посочува дека помеѓу позначајните корелати за зголемување на времето пред екрани се спиењето, менталното здравје (депресија, анксиозност, иритабилност, стрес), здравјето на родителите и очното здравје (миопија).

Покрај зголеменото време пред екрани, возраста на прво изложување на екрани постојано се намалува. На пример, повеќе од 80% од децата во Канада се изложени на екрани пред двегодишна возраст. Но, ова може да се воочи и во нашето секојдневие. Повеќе не е реткост да сретнеме бебиња и мали деца како хипнотизирано јадат во ресторани и се возат во количка или автомобили со телефони/таблети во рака. Ако пред 10 години овие ситуации беа абнормална реткост, сега се секојдневие. Одбивам да ја прифатам оваа реалност. Разбирам дека сите ние некогаш ги прекршуваме правилата и тоа е во ред сѐ додека тоа е исклучок, а не норма.

Повеќе не е реткост да сретнеме бебиња и мали деца како хипнотизирано јадат во ресторани и се возат во количка или автомобили со телефони/таблети во рака.

Понатаму, зголеменото време пред екрани исто така се должи и на навиките на родителите. Научната студија со 553 деца на возраст од 2 до 9 години документираше дека деца чии мајки поминуваат повеќе од пет часа пред екрани исто така поминуваат долго време пред екрани (над два часа) и како последица имаат значително повеќе проблеми во однесување, зголемени симптоми на хиперактивност и невнимание, емоционални проблеми како и намалено просоцијално однесување. Студијата исклучува време поминато пред екрани за работа или пак слушање музика.

Од друга страна пак, квалитетното време поминато помеѓу родители и деца (измерено како фреквенција на заеднички активности), позитивно влијае не само на однесувањето на децата, туку и на нивните релации со другарите, како и кон нивното социјализирање.  Најчести заеднички активности меѓу родителите и децата во оваа студија се раскажување/читање приказна, музика, театар, разговор, јазични игри и сложувалки (Poulain et al. 2019).

Зошто зголеменото време пред екрани треба да не загрижува? Најпрво гледаме како пред наши очи децата ни венеат. Вклучуваме екрани, а децата ги исклучуваме за да јадат без да се противат, односно да јадат без да знаат дека јадат, да се бањаат без да шлапкаат, за домот да ни биде чист, да бидат мирни и тивки додека се возат од Аеродром до Ѓорче без да прашуваат уште колку имаме, па дури и за да одат наутро на училиште (сите примери сум ги посведочила јас). Зомби однесувањето не само што го документираат научните студии, туку и докажуваат дека зголемено време пред екрани носи бројни несакани последици кои допринесуваат кон стекнување на лоши навики кои пак негативно влијаат квалитетот на сонот, когнитивниот и јазичниот развој како и академскиот успех.

Негативни последици по здравјето

Со повеќе време поминато пред екрани се забележуваат значајни промени во квалитетот на спиењето измерено според траењето на сонот и времето на заспивање (Hale and Guan 2015). Ефектот на оваа негативна корелација е позначаен кога станува збор за интерактивно време поминато пред екрани (компјутер или видео игри) наспроти пасивно време поминато пред екрани (телевизија).

Познато е дека сонот игра огромна улога во здравствениот и когнитивниот развој на децата. Недоволното спиење се поврзува со намалена извршна функција на мозокот, посебно со работната меморија, невнимание, промени во расположение, намалени способности за носење одлуки како и недостаток на механизми за контрола (Owens et al. 2014). Исто така е познато дека хормонот за раст зголемено се лачи во текот на ноќта, посебно со рано легнувањеe. Според некои истражувања намалените количини на Human Growth Hormone носат зголемен ризик од болести и пократок животен век  (Bartke, 2008; Honda et al. 1969).

Дефицит во когнитивниот развој

Постојат студии коишто покажуваат дека лачењето на допамин, познат како хормон на среќата, е слично кај зависници од видео игри и луѓе кои консумираат дроги. Но, чувството на возбуденост и среќа од лачење на допаминот при користење на дигитална технологија или дроги не зависи само од наградата која ја добиваме, туку и колку брзо ја добиваме. Ова сознание  секако дека резонира со сите нас кои сме веќе научени сѐ што сакаме да ни биде достапно кога сакаме и во најбрз можен рок.

Но, што ја потпомага или пак контролира зависноста? Зависноста како неуробиолошка состојба не зависи од специфична супстанца која се консумира или пак активност која се практикува, туку од мозочната реакција. Однесувањата како последица од зависност ја потпомагаат дисфункцијата на мозокот; конкретно креираат дисбаланс помеѓу „може“ и „не може“ врската. Интересно е да се спомене дека оваа „може“ врска е одговорна за моменталните добра што ги добиваме како резултат на некое однесување и е окарактеризирана со лачење на допамин, хормонот на среќа. Врската „не може“, пак, ни овозможува да се контролираме и да го одложиме задоволството што би ни го пружила некоја активност. Лаички кажано, овие мозочни структури ја отелотворуваат онтолошката човекова борба помеѓу две спротивставени сили. Да или не? Да се напијам или да се воздржам? Да потрошам еден саат на Инстаграм или да прочитам нешто корисно? Балансот помеѓу овие две клучни врски сѐ уште се развива во периодот на адолесценција, те оттука како родители имаме должност да ги насочуваме нашите деца и да им помагаме во балансирање на нивните одлуки. Само-контролата е способност која се развива во текот на животот и е поврзана со вештината на одложено задоволство. Оваа вештина се се дефинира како акт на контрола на некој импулс за да се здобиеме со моментална награда со надеж на добивање поквалитетна награда во иднина. Докажано е дека вештината на одложено задоволство кај помали деца позитивно се одразува во нивниот социјален и академски успех во средно училиште измерено според Scholastic Aptitude Test (SAT) тестот. Исто така, адолесценти и тинејџери кои можеле да чекаат една недела за поголема парична награда, имале повисоки оценки, помалку проблеми со однесување во училиште и веројатноста да користат цигари, алкохол и марихуана била значајно помала во споредба со нивните врсници кои одлучиле да не почекаат и кои добиле помала парична награда (Conti, 2019).

„Не може“ врската пак, ја инхибира „може“ врската и игра огромна улога во нашата способност свесно да ги контролираме нашите импулси. Познато е дека, луѓе со намалена „не може“ врска целат кон и се задоволуваат со краткотрајни наместо долготрајни цели (Clifford et al. 2018).

Кај децата со +2 часа на ден време пред екрани се воочува значајна асоцијација со АДХД (ментално, бихевиористичко и невроразвојно нарушување окарактеризирано со хиперактивност, невнимание и импулсивност).

Повеќе анализи од базата на податоци CHILD (www.childstudy.ca) објавуваат дека зголеменото време пред екрани за деца (над два часа дневно) значајно и негативно влијае врз нивното внимание во споредба со деца кои поминуваат помалку од 30 минути пред екрани. Со други зборови, 5,9  пати е поверојатно дека родители на деца кои поминуваат повеќе од два часа пред екрани ќе се пожалат на невнимание и недостаток на концентрација. Кај децата со +2 часа на ден време пред екрани се воочува значајна асоцијација со АДХД (ментално, бихевиористичко и невроразвојно нарушување окарактеризирано со хиперактивност, невнимание и импулсивност).

Ова негативно влијание се воочува и подоцна во животот на децата. На пример, најновата лонгитудинална студија посочува на негативен когнитивен развој како последица од времето поминато пред екрани во  детството. Деца кои биле изложени на екрани во просек по два саати на ден на возраст од 12 месеци, имале значително намалени когнитивни вештини на 9 години. Под когнитивни вештини спаѓаат вниманието како и извршните функции на мозокот кои се клучни за само-регулација, учење, академски успех како и за ментално здравје. Овие функции постепено се развиваат во првите години од животот и подлежат на влијание од околината. (Diamond, 2013).

Не се само невниманието и извршната функција на мозокот засегнати. Долгото време пред екрани предизвикува синџир од негативни последици во различни области. Една студија покажува дека предолгото време пред екрани на возраст од 3.5 години предизвикува лутина и фрустрација на возраст од 4.5 години.

Јазичен развој

Јазичниот развој е уште една област која страда од зголемено време пред екрани. Намален јазичен развој се забележува кај деца кои имаат екран во својата соба, кои се изложени на повеќе од два часа пред екрани, кои доаѓаат од семејства со понизок социоекономски статус, кои се изложени на екрани во позадина, и кои се изложени на екрани од порана возраст.

Од друга страна, гледање дигитални содржини од образовен карактер и гледање заедно со возрасен може и позитивно да влијае врз јазичниот развој на децата бидејќи поттикнува дијалог во форма на прашања, одговори, објаснувања. Изложеноста на екрани во подоцнежна возраст исто така позитивно влијае врз јазичните вештини на децата (Madigan et al. 2020). Иако постојат и студии кои наоѓаат позитивен ефект од времето поминато пред екрани и когнитивен и јазичен развој, деца под возраст од 22 месеци не можат да научат нови зборови преку екрани, но можат да ги усвојат преку интеракција (Karani et al. 2022).

На децата им треба социјална интеракција за развој на когнитивните и јазичните вештини. Времето пред екраните не треба да се поистоветува со време за учење. Многу често слушаме како родители знаат да се пофалат дека нивното дете течно говори странски јазик, најчесто, англиски. Но, треба да се запрашаме по цена на што? Патриција Кул, познат невролингвист, документира како 9 месечни бебиња од американски родители учат да распознаваат кинески фонеми од интеракција со човек, но не и кога ги слушаат преку видео снимка. Слични резултати се добиени и за усвојување на вокабулар. Децата кои ги слушале новите зборови како дел од нормална секојдневна интеракција со своите мајки успеале да ги научат новите зборови, но не и децата на кои зборовите им биле пуштани преку ДВД.

Виртуелната реалност/дигиталниот свет е тоа што улицата била во минатото. Но, ако улицата на децата им носела румени образи, извалкани колена и раце, здрав социо-емотивен и когнитивен развој, виртуелната реалност им носи многубројни последици кои допрва ќе се разоткриваат.

Виртуелната реалност/дигиталниот свет е тоа што улицата била во минатото. Но, ако улицата на децата им носела румени образи, извалкани колена и раце, здрав социо-емотивен и когнитивен развој, виртуелната реалност им носи многубројни последици кои допрва ќе се разоткриваат. Сепак, треба ли комплетно да ги забраниме екраните? Секако дека не. Екраните не се природно зли, но нивната неконтролирана употреба (време и содржини) може лошо да влијае врз развојот на децата.

Еве ги издвоени клучните сознанија што ни ги предочува науката:

  1. Со поголема достапност на екраните, се зголемува времето кое го поминуваме пред екрани.
  2. Прекумерна изложеност на екрани се поврзува со намелен сон, когнитивен дефицит, намалени социјални вештини, застој во јазичниот развој,  како и намелен академски успех.
  3. Зависноста од видео игри предизвикува мозочни реакции кои се слични на оние предизвикани од зависност од супстанции.
  4. Способноста за само-контрола и баланс помеѓу „може“ и „не може“ врската се развива во текот на детството и адолесценцијата, што значи дека децата не се доволно зрели да бидат оставени сами на себе да носат одлуки кога и што да гледаат/ играат па и да се само-контролираат.
  5. Ако сите желби и хирови им се исполнуваат на децата во истиот момент кога се појавуваат, на децата им даваме доза на допамин кој моментално ќе ги задоволи, но не и долготрајно.
  6. Многу е важно какви навики децата стекнуваат од најрана возраст.

Препораки и решенија:

  1. Тргнете ги екраните од собите на децата.
  2. Не им дозволувајте да спијат во иста соба со нивните уреди.
  3. Ставете временска граница за користење, на пример уредите да не можат да се користат од 21:00 до 9:00 часот.
  4. Гледајте содржини на екрани заедно со децата и користете ги тие моменти за разговор; поставувајте им прашања, објаснете, слушајте.
  5. Давајте им добар пример на децата со тоа што и вие ќе го намалите времето поминато пред екрани.
  6. Поминувајте секој ден квалитетно време со децата (дури и 5 минути може да значат многу).
  7. Определете еден ден кој ќе биде поминат без никакви уреди (вклучувајќи ги и родителите).
  8. Градете здрави навики.

 

Да не заборавиме дека ние сме родителите, не обратно. Да ги исклучиме екраните и да ги вклучиме децата. Да ја ослободиме нивната фантазија, креативност и надареност. Ќе се изненадиме каков свет ќе ни отворат и што сѐ ќе ни понудат.

Користена литература:

AAP (Am. Acad. Pediatr.), Counc. Commun. Media. 2016. Media use in school-aged children and adolescents. Pediatrics 138(5):e20162592 Abramovich G. 2018.

Bartke, A. (2008). Growth hormone and aging: a challenging controversy. Clinical interventions in aging3(4), 659-665.

Conti, Regina. “delay of gratification”. Encyclopedia Britannica, 19 Mar. 2019, https://www.britannica.com/science/delay-of-gratification. Accessed 5 April 2023.

Diamond  A.  Executive functions.   Annu Rev Psychol. 2013;64(1):135-168. doi:10.1146/annurev-psych-113011-143750

Fitzpatrick, C., Binet, M. A., Harvey, E., Barr, R., Couture, M., & Garon-Carrier, G. (2023). Preschooler screen time and temperamental anger/frustration during the COVID-19 pandemic. Pediatric research, 1-6.

Hale L, Guan S. Screen time and sleep among school-aged children and adolescents: a systematic literature review. Sleep Med Rev. 2015 Jun;21:50-8. doi: 10.1016/j.smrv.2014.07.007. Epub 2014 Aug 12. PMID: 25193149; PMCID: PMC4437561.

Honda, Y., Takahashi, K., Takahashi, S., Azumi, K., Irie, M., SAKUMA, M., … & Shizume, K. (1969). Growth hormone secretion during nocturnal sleep in normal subjects. The Journal of Clinical Endocrinology & Metabolism29(1), 20-29.

Karani, N. F., Sher, J., & Mophosho, M. (2022). The influence of screen time on children’s language development: A scoping review. South African Journal of Communication Disorders69(1), 825.

Law EC, Han MX, Lai Z, et al. Associations Between Infant Screen Use, Electroencephalography Markers, and Cognitive Outcomes. JAMA Pediatr. 2023;177(3):311–318. doi:10.1001/jamapediatrics.2022.5674

Lozano-Blasco, R., Latorre-Martínez, M., & Cortés-Pascual, A. (2022). Screen addicts: A meta-analysis of internet addiction in adolescence. Children and Youth Services Review135, 106373.

Owens, J., Adolescent Sleep Working Group, Committee on Adolescence, Au, R., Carskadon, M., Millman, R., … & O’Brien, R. F. (2014). Insufficient sleep in adolescents and young adults: an update on causes and consequences. Pediatrics134(3), e921-e932.

Poitras, V.J., Gray, C.E., Janssen, X. et al. Systematic review of the relationships between sedentary behaviour and health indicators in the early years (0–4 years). BMC Public Health 17 (Suppl 5), 868 (2017). https://doi.org/10.1186/s12889-017-4849-8

Schlieber, M., & Han, J. (2021). The role of sleep in young children’s development: a review. The Journal of Genetic Psychology182(4), 205-217.

Tamana, S. K., Ezeugwu, V., Chikuma, J., Lefebvre, D. L., Azad, M. B., Moraes, T. J., … & Mandhane, P. J. (2019). Screen-time is associated with inattention problems in preschoolers: Results from the CHILD birth cohort study. PloS one, 14(4), e0213995.

Trott, M., Driscoll, R., Irlado, E., & Pardhan, S. (2022). Changes and correlates of screen time in adults and children during the COVID-19 pandemic: A systematic review and meta-analysis. EClinicalMedicine48, 101452.

*Илина Кацхинске е доцент на Катедрата за странски јазици на Универзитетот Американ Колеџ Скопје каде предава предмети од областа на англистиката и применетата лингвистика. Се занимава и со научно-истражувачка работа. Главен интерес на нејзините истражувања е тематиката на експлицитното и имплицитното учење и предавање, индивидуалните когнитивни фактори како надареност за изучување на втор јазик и работна меморија, и нивната улога при изучување на втор јазик.

Превземено од Рацин.мк