Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во земјата, Жељаско Радуков.

На средбата беа потврдени заложбите за одржување и унапредување на односите меѓу двете соседни земји, а особено беше потврдена одличната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи, и исто така заеднички беше констатирано дека работат врвни професионалци.

Со посебен фокус се разговараше и за можностите за дополнително унапредување на веќе воспоставената плодна соработка како од аспект на билатералните договори така и оперативната меѓусебна соработка на Министерствата за внатрешни работи на двете земји. Притоа и заменик-министерот за внатрешни работи Исени и амбасадорот Радуков изразија безрезервна отвореност за нејзино натамошно продлабочување.

Воедно, на состанокот стана збор и за меѓусебната соработка во рамките на меѓународните организации и регионалните иницијативи, кои се од заеднички интерес и придонесуваат за одржување и зајакнување на регионалната безбедност, стабилност и просперитет.