Ако во март на ден се попишуваа илјадници иселеници, 100 дена од почетокот на самопопишување на дијаспората, на дневна основа имаме само по 10 попишани, вели заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами, пренесува ТВ 21.
„Нормално е бидејќи започна како спринт, а сега процесот се претвори во маратон. Во текот на летните месеци очекувавме дека ќе се намали интензитетот, па така имаме само по 10 попишани на ден. Има и денови кога има и помалку“, истакна Иљми Селами.
До утрово, во дијаспората се самопопишале 190.177 иселеници, а оние од Швајцарија остануваат најзаинтересирани за процесот.
„Европа останува првак во пописот, а во Европа Швајцарија како држава е пред сите други држави, пред Германија, Италија, Австрија итн…“, посочува Иљми Селами.
Пописот на население и локалните избори ќе се одржат во релативно близок временски период, а тоа најмногу ќе го искористат политичките партии, вели Селами.
„Со оглед на тоа дека се наближуваат локалните избори, а кратко време пред нив треба да заврши и пописот на населението, јас очекувам темата околу пребројувањето доста да се политизира, нешто што нема да му донесе добро на самиот процес“, вели Иљми Селами.
Политичарите ќе ја вршат својата, а ние нашата работа, додава Селами, уште еднаш повикувајќи ја дијаспората да се самопопише.
„Би ја искористил приликата да ги повикам иселениците да не го чекаат последниот ден. Што поскоро да се попишат, дури уште денеска и со тоа да дадат важен национален и граѓански придонес“, додава Иљми Селами.
Пописот на дијаспората ќе трае до 30 септември. Кон крајот на март токму кога попишувачите требаше да излезат на терен, беше постигнат политички договор и процесот беше одложен. Поради одлагањето Државниот завод за статистика ќе треба да објави нов конкурс за попишувачи.