Пратениците од власта и опозицијата попладнево продолжија да полемизираат дали е потребно државата да се задолжува со кредит во износ од 21.5 милиони евра за подобрување на образованието, расправајќи по Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, по скратена постапка. Расправата е исцрпена и заврши, а гласањето ќе биде дополнително закажано. Оваа, 29-та седница со расправа по другите точки од дневниот ред ќе продолжи утре.
Проектот за унапредување на основното образование се состои од четири компоненти: подобрување на учењето на ниво на училиште (15.11 милиони евра), реформа на следењето и оценувањето на националниот прогрес во учењето (1.8 милион евра), зајакнување на компетенциите на наставниот кадар, стручните соработници и директорите на училиштата (2.9 милиони евра) и управување со секторот, раководење со проектот и мониторинг и евалуација (1.54 милион евра).
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека со заемот ќе се подобрат условите во образованието, сметаат дека проектот нема критериуми како средствата ќе бидат користени, дека само ќе се создаде долг што народот ќе го враќа 11 години со камата. Укажаа дека не е време за вакви заеми кога има пандемија, затворени училшита, а државата нема антиковид-вакцини. Според нив, се трошат пари за нешто што не е во интерес на наставниците и не е во корист на децата и дека, како и усвоената Концепција за основно образование, и ова е обид за манипулирање на јавноста и популизам.
Од четирите компоненти, најмногу забелешки имаа за првата за која се предвидени и најмногу средства – нешто повеќе од 15 милиони евра за подобрување на учење на ниво на училиште. Марија Петрушевска рече дека во текстот на законот нема анализа за моментална состојба и финансиски план кои училишта ќе бидат опфатени и временска рамка за реализација.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ апелираа на внимателност и поради презадолжување, укажувајќи дека Владата пред една недела се задолжи со обврзница од 700 милиони евра.
Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска, која е и претседателка на собраниската Комисија за образование, реплицираше дека од задолжувањата на ВМРО-ДПМНЕ само за камати од 2014 година се исплатени 140 милиони евра со кои, како што рече, можело да се изградат основни училишта или градинки.
Проектот за унапредување на основното образование, кој треба да се релизира со овој заем, ќе се имплементира преку Единица за управување која веќе функционира во Министерството за образование и наука, а ќе бидат вклучени и Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, општините и основните училишта.