Исамедин Азизи, научен соработник од Институтот за национална историја е именуван нов член во Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ Канал 5 во октомври лани рече дека ќе инсистира во Комисијата да има и член Албанец бидејќи ова е заедничка битка, која може да ги зближи Албанците и Македонците.
„Тоа е можност да се создаде блискост, но и да се остави наследство дека Албанците биле важен чинител кога се решавале некои важни прашања. Се разбира дека работам на тоа и наскоро ќе има решение. И се разбира дека јас ги согледувам работите и го утврдувам моментот кога е најдобро да се направи тоа за да не се направи штета на процесот, рече Османи.