Иранските власти ја предупредија Јужна Кореја дека не треба да ја политизира заплената на јужнокорејскиот танкер од страна на Техеран, и побараа од Сеул да ги ослободи седум милијарди долари кои се замрзнати поради американските санкции против Иран.
Јужнокорејскиот заменик министер за надворешни работи Чои Џонг-кун допатува во Техеран на преговори за ослободување на бродот „Ханкук Чеми”, кој е запленет минатиот понеделник од иранската Револуционерна гарда во близина на стратешкиот Ормуски Проток.
Иранскиот заменик министер за надворешни работи Абас Аракчи истакна дека Сеул „треба да се воздржи од политизирање на тоа прашање и непотребна пропаганда, и да се овозможи одвивање на правните постапки”.
Иран заплени јужнокорејски танкер танкер со хемикалии, Јужна Кореја побара итно ослободување
– Околу две и пол години јужнокорејските банки ги чуваат замрзнати иранските фондови… Тоа е неприфатливо… Според нас, тоа е повеќе поради недостиг на политичка волја Сеул да го реши ова прашање, отколку поради американските санкции – нагласи Аракчи.
Иран претходно ги отфрли наводите дека заплената на танкерот со 20-член екипаж претставува држење заложници, додавајќи дека всушност Сеул ги држи иранските средства како „заложници”.
Портпарол на иранската Влада минатата недела истакна дека танкерот во Ормускиот Проток е запленет по налог на ирански суд поради „загадување на животната средина“.