Иран денес издаде остро предупредување како одговор на заканите од американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека ќе поддржи понатамошни израелски напади врз Иран доколку отфрли нов нуклеарен договор.

„Исламската Република Иран доследно ќе одговара на секоја евентуална агресија, а агресорот ќе се покае за својата акција“, напиша иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на Икс.

Претходно, советник на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, исто така, ги предупреди САД и Израел дека секој напад ќе предизвика силен ирански одговор. Советникот Али Шамкани во објава на Икс рече дека на Иран не му е потребна дозвола од други земји за своите ракетни капацитети или за одбрана.

За време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида во понеделникот, американскиот претседател Трамп рече дека ќе поддржи дополнителни израелски напади врз Иран доколку Техеран отфрли нов нуклеарен договор и продолжи да ги унапредува своите ракетни и нуклеарни програми.

Според израелските информации, Иран интензивно работи на обнова на својот ракетен арсенал, кој Израел, заедно со нуклеарната програма на земјата, го смета за главна закана.

Текстот Иран се закани со силен одговор при евентуален напад од страна на Израел е превземен од МАКФАКС.