Иранскиот претседател Масуд Песекијан изјави дека Иран нема да го прекрши прекинот на огнот освен ако Израел не го стори тоа, објавија државните медиуми, повикувајќи се на Ројтерс.

Иранската државна агенција Норњуз, исто така, објави дека Песекијан рекол дека Техеран е подготвен да преговара и да ги брани правата на иранскиот народ на преговарачката маса.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, пак, денеска му рече на американскиот претседател, Доналд Трамп, во телефонски разговор, дека ќе се воздржи од понатамошни напади врз Иран, соопшти канцеларијата на Нетанјаху.

Трамп изрази увереност дека прекинот на огнот, кој го објави претходно, ќе биде стабилен, според канцеларијата на израелскиот премиер.

Трамп го објави прекинот на огнот доцна вчера, а Израел и Иран го потврдија утрово. Сепак, двете страни се обвинија меѓусебно за прекршувања, а Трамп рече дека и двете го прекршиле договорот за прекин на огнот.