Иранската Влада одобри фонд за исплата на отштета на семејствата на загинатите при соборувањето на украинскиот патнички авион од страна на иранските сили над Техеран во јануари годинава, соопшти денеска кабинетот на претседателот Хасан Рохани.
Иран ќе им плати по 150.000 долари на семејствата на 176 загинати лица, објави државната телевизија, без да потврди рок за исплата.
Информацијата за исплата на отштета доаѓа во момент кога семејствата на загинатите се подготвуваат да ја одбележат годишнината од несреќата, која се случи на 8 јануари, а дипломати од земјите чии граѓани настрадаа, му вршат притисок на Иран за поголема соработка во истрагата и компензацијата.
Иран неколку денови по несреќата демантираше дека неговата војска е одговорна за соборувањето на авионот, но по низа докази кои ги открија западните земји повикувајќи се на разузнавачки извори, како и со меѓународен притисок, Техеран призна дека неговите безбедносни сили по грешка го погодиле украинскиот авион во момент на зголемена тензија со САД. Иранската војска изврши напад врз американски бази како одговор на убиството на генералот Касем Сулејмани на 3 јануари на аеродромот во Багдад.

Здружението на семејствата на жртвите минатата недела објави соопштение во кое ја критикуваат иранската понуда за отштета и побараа независна и транспарентна истрага за несреќата.
– Семејствата се будни и нема да потпишат ниту еден документ, се наведува во соопштението, додавајќи дека „убиецот не може да игра улога на ожалостен”.
Извор:МИА