Иницијативниот одбор на пензионерското движење (ИОПД) „Тука сме“ денеска на состанок заклучи да побара од министерката за труд и социјална политика да се организира трибина посветена на проблемите во пензионерската организација.

ИОПД смета дека незаконски се извршени избори во здруженијата на пензионери (ЗП) и Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) и дека пензионерската организација работи незаконски и нетранспарентно и од тоа, како што наведува, „се појавуваат проблеми и манифестира големо незадоволство кај пензионерите“.

Од министерката Јованка Тренчевска ќе бараат и да ги прими подготвувачите на материјалот со докази за состојбите во СЗПМ.

Заклучиле и да се подготви и достави барање до ФПИОМ за изменување на образецот за изјаснување (давање согласност) на пензионерите за членување во ЗП и задршките од пензијата по основ на членарината и придонесот за солидарен фонд за посмртна помош, со нагласка тие да се раздвојат.

-ИОПД донесе одлука за изготвување „Бела книга“ за сите случувања во ЗП и СЗПМ во соработка со претставници од најголемиот дел здруженија на пензионери и Сојузот. ИОПД формираше Огранизациски одбор за протести со задача да организира масовен протест пред седиштето на СЗПМ во првата половина од мај, информира ИОПД.