Со поддршка од околу 2.800 граѓани, неформалната заедница „Инженери на Република Македонија“ (ИНРМ) достави официјално барање до членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за индивидуално писмено образложение на нивното гласање во врска со задржувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до електродистрибутивниот систем.

Барањето следува по седницата на РКЕ одржана на 27 ноември 2025 година, на која беше усвоен Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија, без да се отстранат одредбите поврзани со овој надоместок.

Во иницијативата на ИНРМ се наведува дека, согласно член 12 став 5 од Статутот на Регулаторната комисија за енергетика, секој член има право писмено да ги образложи причините за своето гласање при одлучувањето. Од членовите на Комисијата се бара да се изјаснат дали гласале „за“, „против“ или „воздржано“ по предлогот за укинување на надоместокот за пристап до мрежата, како и да достават кратко образложение за својот став.

ИНРМ во барањето посочува и на јавно дадено ветување на ВМРО-ДПМНЕ, преку тогашниот претседател на партиската Комисија за енергетика, а сега член на РКЕ, Елена Маркова-Велинова, дека укинувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа ќе биде прва мерка на партијата. Според ИНРМ, ова ветување претставува политичка и морална обврска кон граѓаните кои се директно погодени од оваа давачка.

Целта на барањето, како што се наведува, е да се обезбеди целосна транспарентност и отчетност во работата на Регулаторната комисија за енергетика, особено по прашања што директно влијаат врз финансиските обврски на потрошувачите.

Од ИНРМ побараа образложенијата да бидат доставени по електронска пошта, со можност, доколку членовите на РКЕ се согласат, истите да бидат јавно објавени.

Текстот Инженерите бараат отчетност од РКЕ за задржувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа е превземен од МАКФАКС.