Сенада Сали, правен менаџер на Европскиот центар за права на Ромите, уште од млада возраст успеа да изгради меѓународна кариера, борејќи се против дискриминацијата на Ромите, рушењето на стереотипите и осигурувањето на човековите права. Сенада е една од најмладите жени од РС Македонија, која има правна менаџерска позиција во странска организација.
Со какви предрасуди најчесто се сретнувавте градејќи ја вашата кариера?
– Лично се сметам за голем среќник што сум таму каде што сум денес, бидејќи на многу Ромки не им се дава можност да бидат лидерки на социјалните промени во нивните заедници, дури и тогаш кога имаат потенцијал за тоа. Да се родиш како жена Ромка е минимум двоен предизвик. Постојано треба да се докажуваш како внатре во заедницата, така и надвор од неа. За жал, во глобала општеството сè уште има испревртена слика за нашата заедница и жените кои ѝ припаѓаат. Како заедница со понизок потенцијал од останатите, како заедница која е врзана за безгрижниот, уличен живот. Жените Ромки, како многудетни, необразовани, неспособни. Нашиот потенцијал и нашата моќ се занемаруваат. Како Ромка која за првпат на 29-годишна воздраст е во блажена состојба, често размислувам за силата и издржливоста која нашите баби, тетки и мајки Ромки ја имаат во давањето живот на неколку деца последователно и нивнотот одгледувањето. Тоа е моќ за која никој не зборува онака како што треба – со восхит и почит. Паметам дека во правата година од моите студии на Правниот факултет во Скопје неколку професори се сомневаа во мојот потенцијал да бидам правник, токму поради мојата етничка припадност. Работите се сменија со текот на времето, кога увидоа дека станува збор за трудољубива студентка, па така денес професорка од калибар на проф. Гордана Силјановска Давкова зборува за моите успеси истовремено со гордост и солзи во очите. Нема поголема сатисфакција од тоа. Но почетокот не беше воопшто лесен. Со таков предизвик се соочив и подоцна при барањето работа, но благодарение на вложениот труд и упорноста, денес сум една од најмладите жени од Р Македонија, (ако не и најмлада), која има правна менаџерска позиција во странска организација.
Дали денешната Ромка е подготвена да побара правна помош кога е во прашање семејното насилство, развод, или пак дискриминација на работното место?
– Семејното насилство и генерално приватните односи внатре во семејството се сè уште посебно сензитивни теми во ромската заедница. Не велам дека нема жени кои не побарале правна помош во вакви случаи, но бројките се сѐ уште незадоволителни. Разводот е поголем предизвик кога една жена е целосно финансиски и имотно зависна од мажот. Кога нема свој покрив над глава и извор на редовни финансиски примања. Случаите на семејното насилство дури и тогаш кога се пријавуваат од страна на жени Ромки наидуваат на пасивност, нереакција и одобрување од страна на институциите. Па на тој начин жените губат верба во системот, а правната помош (со секое право) не ја сметаат за ефикасна во еден таков правен систем. Мојата прва животна средба со правото беше на петгодишна возраст, кога моите родители се разведоа. Јас сум второ дете во ромско муслиманско семејство од Република Македонија. Двата мои родители припаѓаат на ромската подгрупа Џамбази – кои традиционално се занимаваат со одгледување на коњи. Бракот на моите родители не беше резултат на нивната љубов, туку одлука на нивните родители. Мајка ми беше жртва на постојана домашна злоупотреба и насилство во бракот, а нејзините повици за помош никогаш не беа сфатени сериозно од полициските службеници од локалната полициска станица. Оваа нереакција главно беше резултат на многу негативни стереотипи за Ромите кои преовладуваат во општеството, од кои еден од почестите е секако верувањето дека насилството е нормален начин за решавање на конфликтите во едно ромско семејство. Само по пет години институционална реакција, кога животот на мојата мајка беше ставен во директна опасност, властите одлучија сериозно да го третираат нејзиниот повик за помош.
Кога станува збор за случаите на дискриминација, работите се движат кон подобро. Сè повеќе жени Ромки се подносители на тужби за дискриминација во најразлични сфери како вработување, образование, здравство. Впрочем, главен фокус на мојата правна работа во Европскиот центар за правата на Ромите е стратешкиот судски спор како алатка за решавање на случаите на институционален расизам и дискриминација кон Ромите во земјите од регионот на Западен Балкан (Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора). Ова вклучува случаи на жени Ромки кои биле одбивани за регистрација и третман од страна на матичните гинеколози или на кои им била извршена нелегална наплата на гинеколошки услуги кои согласно закон се бесплатни (т.е. на товар на Фондот за здравствено осигурување), сексуална злоупотреба на девојчиња Ромки во институциите за државна грижа, присилно иселување на бремени Ромка кои населуваат неформални и сиромашни населби, институционална нереакција во случаи на семејно насилство врз жени Ромки итн. Во текот на осум години од мојата правна работа во организацијата, успеав да поднесам стотина тужби и жалби пред различни судски органи – националните судови, Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) и меѓународните механизми за човекови права како што е Комитетот за правата на жените при ООН (UNCEDAW). Во сферата на репродуктивните права на жената Ромка за најголем личен успех ги сметам двете одлуки на УНЦЕДАВ Комитетот во случаите 107/2016 S.N. & E.R v. Macedonia и 110/2016 L.A. et al. v. Macedonia. (http://www.errc.org/press-releases/north-macedonia-ordered-to-pay-compensation-for-evicting-pregnant-roma.)
Дали и денес е актуелна праксата на лесна недостапност до здравствениот систем кога се во прашање жените Ромки, и на што според вас, се должи таа недостапност?
-Жените Ромки се чест предмет на директна, индиректна, но и на таканаречена интерсекциска дискриминација, не само поради тоа што се жени, туку и поради тоа што се Ромки, недоволно информирани, жени во социјален ризик, со потемен тен итн. Еклатантен пример за ваквата состојбата е најгорливиот репродуктивен проблем во единствената доминантно ромска општина во државата Шуто Оризари, каде што до ден денешен 8.000-13.000 жени во репродуктивен период немаат пристап до матичен гинеколог, откако пред една година гинекологот ја затвори својата гинеколошка ординација и се пресели во друга општина. Иако Министерството за здравство најави отворање на нова гинеколошка ординација, истата сѐ уште не е отворена и репродуктивното здравје на жените од оваа општина веќе подолго време е ставено во ризик. Ваквата состојба пред сè се должи на неодговорното работење на институциите што се повторува од година во година за сметка на животите и здравјето на една цела репродуктивна популација. Дополнително, социјалниот ризик со кој се соочуваат жените од нашата заедница оневозможува уживање на истите здравствени права како оние кои ги уживаат остатокот од жените. Така на пример, иако новиот Закон за абортус ги укина административните бариери и го гарантира правото на жената на безбеден абортус, сепак, во реалноста абортусот не е достапен за жените во социјален ризик, меѓу кои најголем број Ромки кои не се во можност да платат 6-9.000 денари за истиот. Законот не предвидува трошоците за абортус да паднат на товар на ФЗОМ, па во ситуација кога и контарцепцијата не е достапна преку Фондот, овие жени се одлучуваат за некоја од формите на нелегален и небезбеден абортус, а со тоа се зголемува и ризикот по здравјето на жените и опасноста од смртни случаи. Дополнителни проблеми се јавуваат со праксата на незаконската наплата на здравствени услуги кои согласно закон се бесплатни и покриени од Фондот, кога одредени гинеколози ја искористуваат недоволната информираност на жените Ромки, како и проблемот на одбивање на матичните гинеколози да ги регистрираат овие жени како свои редовни пациенти. За овие проблеми редовно известуваше и локалната Иницијатива на жени Ромки од Шуто Оризари, при што неодамна случајот доби и правна разрешница надвор од државата пред CEDAW Комитетот при ООН.
Како најчесто завршувааат исходите од случаите кои ги водите, дали судските битки се развлекуваат, кои се најчестите „камчиња на сопнување“ во судскиот систем?
– Камчиња на сопнување има многу. Она што е најзначајно е случајот да се истера до крај. Како правна организација успешно постоиме веќе 25 години и сме детерминирани да не се откажуваме од нашите случаи па дури и кога конечна правна одлука е донесена во државата. Европскиот суд за човекови права е наша неретка дестинација. Таму имаме добиено низа значајни пресуди кои претставуваат судски преседани во правото, а кои се лесно достапни на страната на судот. Најголемата пречка со која се соочивме изминатиот период кога станува збор за правно застапување на случаи на дискриминација во Р Македонија беше целата онаа проблематична постапка на усвојување на нов Закон за превенција и заштита од дискриминација, па неговото укинување од Уставниот суд, па повторно усвојување. Во целиот тој период нашите случаи пред домашните судови стагнираа, а некои дури и беа завршени со апсурдни одлуки. Пример за тоа е случајот со немањето пристап до вода во населеното место Петочна Вода во Битола. Станува збор за неформална ромска населба која со години нема пристап до вода поради невклученост во урбанистичкиот план на општина Битола. Преку actio popularis тужба (тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес) нашата организација го поднесе овој случај пред судот во Битола но укинувањето на Законот за заштита од дискриминација кое претходно го напоменав, доведе до паузирање на постапката баш во период на глобална пандемија на ковид-19 кога на населението му е потребна вода повеќе од кога било. Непознавањето, непримената како и неправилната примена на судската пракса на судот во Стразбур од страна на домашните судии е дополнителен проблем кој се јавува при застапување на случаи на дискриминација на домашно ниво. Особено кога станува збор за правилото за преносот на товарот на докажување и примената на принципот на пропорционалност (во случаи на присилна евикција на Роми). Секако неизбежен проблем е и корумпираноста и партизираноста на судството, како и недостигот на вработени ромски стручни кадри како судии, судски соработници, адвокати.
Дали Ромите во Европа се соочуваат со слични прашања на дискриминација или пак, со говор на омраза, и какви се казните против сторителите за разлика од кај нас?
– Факт е дека Ромите се најдискриминираната етничка заедница во Европа. За жал во пракса состојбата не е многу различна од држава во држава. Дискриминација и говор на омраза кон Ромите постои во Македонија, но постои и во Шведска, Белгија, Германија, Франција. Секако, дел од овие земји имаат поразвиени правни системи и судство каде што правната разрешница е побрза и покорисна за нашите клиенти. Дел од нив се и членки на ЕУ, па одговорноста е двојна. Пример, за имплементација на позитивна пресуда против Франција се чека многу пократко од кај нас. Но присилните иселувања, сегрегацијата во образованието, полициската бруталност кон Ромите, се за жал реалност, како кај нас, така и таму. Она што беше навистина специфично за нашата држава беа случаите на враќање на Ромите од границите на сопствената држава. Добар дел од овие случаи беа разрешени на домашно ниво, а дел беа поднесени и пред судот во Стразбур и Комитетите при ООН.