Тимот за санкции од САД како „тешка машинерија“ која треба да ги „расчисти“ нашите долгогодишни наслаги на коруптивни афери е за голем дел од познавачите на правната наука добра вест, но пред се помош.
За професорот Темелко Ристески нема дилеми дека станува збор за активност од типот на истражувачко – разузнавачки акции и тоа пред се за потребите на САД, кои вложуваат пари во земјава и сакаат тие пари да бидат употребени за рационални, општествено корисни цели, и секако , во интерес на граѓаните на Републиката. Според него, тие никако не треба да се сфатат како активности кои се спроведуваат паралелно со активностите на нашиот судски истражен систем.
„Санкциите кои ќе ги презема Тимот за санкции ќе се сведат на откривање и „жигосување“ на корумпираните функционери и забрана за влез во САД. Тоа ќе претставува драгоцен помош во напорите на нашата власт и на сите прогресивни сили во Републикава за борба против корупцијата“, вели Ристески за „Локално“.
Во иста насока ги објаснува и критиките на амбасадорката на САД на сметка на состојбите во правосудството , кои како што посочува, не треба да ги доживееме како пораз, туку како сериозна опомена дека треба поенергично да работиме на изградба на ефикасна самостојна и независна судска власт
Невообичаено острите тонови од страна на амбасадоркатана САД која во многу аспекти го надмина досегашиот “елегантен’’дипломатски речник ја разбрануваа македонската јавност. Дали ова треба да го доживееме како пораз, имајќи го предвид фактот дека по период од 32 години, нашата држава не успеа да изгради независен судски систем?
-Не без причина невообичаено острите тонови од страна на амбасадоркатана САД, во многу аспекти, го надминаа досегашиот „елегантен“ дипломатски речник, посебно кога е во прашање судскиот систем. Како што е познато, САД имаат вложено многу пари во обука на персоналот во институциите на нашиот правосуден систем и во техничко опремување на институциите. Тоа го кажа и амбасадорката. Познато е дека Американците се прагматични луѓе. Ако во нешто вложуваат, сакаат да видат резултати. Кај нас, во правосудниот систем, освен добра волја за подобрување на состојбите, има малку видливи резултати. Но, како и да е, критиките на амбасадорката не треба да ги доживееме како пораз, туку како сериозна опомена дека треба поенергично да работиме на изградба на ефикасна самостојна и независна судска власт. Добрата волја треба да се претвори во ефикасна акција за изградба на таква судска власт.
Целта е да се направи увид во работата на сегашните и бившите функционери. Дали ова значи дека практично ќе има истраги надвор или паралелно со оние кои ги спроведува македонскиот судски истражен систем?
-По мое мислење целта на доаѓањето на „Тимот за санкции“ од САД е да се направи увид во работата на сегашните и поранешните функционери. Јас ја сфаќам активноста која ќе ја спроведува тој тим како активност од типот на истражувачко –разузнавачки акции, пред се за потребите на САД, кои вложуваат пари во земјава и сакаат тие пари да бидат употребени за рацоинални, општествено корисни цели, пред се, во интерес на граѓаните на Републикава. Тие активности никако не треба да се сфатат како активности кои се спроведуваат паралелно со активностите на нашиот судски истражен систем. Република Северна Македонија, според Уставот, е суверена и самостојна држава, со свои правосудни органи кои работат и судат врз основа на Уставот,законите и меѓународните договори ратификуван согласно со Уставот. САД се наша пријателска држава. Тие го почитуваат суверенитетот на Републикава и секако дека нема да се впуштат во истраги за кои се надлежни нашите правосудни органи. Санкциите кои ќе ги презема Тимот за санкции ќе се сведат на откривање и жигосување на корумпираните функционери и забрана за влез во САД. Тоа ќе претставува драгоцен помош во напорите на нашата власт и на сите прогресивни сили во Републикава за борба против корупцијата.
Каде според Вас треба да ги бараме најголемите промашувања во борбата против корупцијата? Колкава одговорност имаат бизнис елитите?
-Прашањево е многу комплексно и за него може многу да се зборува. Но,како професор по управно и уставно право, само ќе нафрлам нешто од тоа што треба да се анализира и за што треба да се зборува. Мислам дека не изградивме доволно ефикасни и одговорни контролно заштитни институции на општеството: инспекции, судови, обвинителства, органи за безбедност и разузнавање, специјализирани комисии и дирекции како што е Државната комисија за спречување на корупцијата и сл. Потоа не изградивме доволно свесно и кон заедничките интереси ориентирано, добро информирано и одговорно граѓанство кое преку социјалните мрежи, средствата за јавно информирање и други облици на комуникација жестоко, врз основа на објективни факти ќе ги жигосува социо-патолошките појави и ќе се бори против нив. Секако дека бизнис елитите имаат голема одговорност за состојбите во општеството затоа што тие, со моќта на својот капитал, значително влијаат на општествените процеси и текови.
Која е причината поради која ретко која афера поврзана со корупција кај нас има соодветна судска завршница? Дали се оправдани обвинувањата на јавноста дека одредени моќници остануваат заштитени од страна на судската и политичката власт?
-Не би рекол дека ретко која корупциска афера завршува со судска завршница. Ако се вратиме назад, низ годините, има многу такви афери кои имаат судска завршница и актерите се судски санкционирани. Прашањето повеќе важи за крупните корупциски афери. За одговор на него ќе се послужам со сознанијата од криминологијата и криминалистиката. Тоа се вешто планирани и вешто изведени афери, од сите аспекти, и за нивно гонење и судење се потребни храбри, високо стручни, одговорни и независни обвинители и судии кои, за жал, ги немаме, или можеби, подобро кажано, ги имаме во мал број.Во однос на вториот дел од прашањето ќе кажам само дека јавноста секогаш помалку или повеќе е во право. Колку е во право кажува објективниот развој на настаните и процесите во минатото, сегашноста и иднината.
ДУИ предложи закон за ветинг. Ако воопшто се донесе, колку би бил тој продуктивен, и што е уште позначајно, дали јавноста би имала верба во мотивите?
-Ветингот како процес на проверка во вршење на функцијата претставува систем на институционализирани проверки на вршителите на јавните функции со цел проценка на соодветноста на нивната работна позиција, поведение и интегритет vis a vis функцијата која ја извршуваат или треба да ја извршуваат. Предлогот е добар. Ако се донесе закон со кој што процесот на ветинг правилно ќе се изрегулира со цел овозможи квалитетни и ефикасни проценки на индивидуалната одговорност, интегритетот на поединците и нивната инволвираност во претходни злоупотреби, односно да ја процени нивната подобност и соодветност за вршење јавна служба и ако тој закон доследно се спроведе во практиката, целта на ветингот, како процес, ќе биде постигната. Ако процесот добро почне и ефикасно се спроведува, нема зошто јавноста да нема верба во мотивите за таквиот предлог.
Превземено од Локално.мк