Колективниот имунитет ќе се постигне кога на бројот на прележани ќе му се приклучи и значителен процент на вакцинирано население. Тоа ќе биде моментот кога ќе можеме да сметаме дека ковид-19 е зад нас, вели за Слободен печат педијатарот Лилјана Којиќ.
Во случај на ковид-позитивен пациент, секој матичен лекар постапува по претходно утврден и усвоен протокол од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Какви се тие насоки?
– Во март минатата година, веднаш по прогласувањето на пандемијата на 11. 3.2020 година, матичните лекари добија насоки од Министерството за здравство сите суспектни пациенти со покачена температура да ги упатиме веднаш на тестирање и доколку тестот е позитивен, да ги контактираме телефонски двапати на ден, да водиме евиденција за евентуалната прогресија на нивната болест (температура, малаксаност, костобол, стомачни тегоби, губиток на чувството на мирис и вкус) за да можеме да стекнеме претстава за нивната состојба, а доколку се јават проблеми со дишењето (упорна кашлица, недостиг на здив, болки во пределот на белите дробови и зад градната коска) веднаш да ги упатиме на Клиниката за инфективни болести.
Тоа беа препораки и насоки кои беа нови за нас, но во склад со искуствата од некои европски земји, кои пред нас се сретнаа со новата болест наречена ковид-19.
Подоцна со текот на времето и со зголемувањето на бројот на позитивни случаи, имавме повеќе можности, зашто и ГОБ „8 Септември“ и Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, а и инфективните оддели во регионалните и клиничките болници во земјава, почнаа да примаат болни од ковид-19. На почетокот имавме голема несигурност зашто за првпат се сретнавме со непредвидлива и непозната болест, сосема нова за нас и од дијагностички и од терапевтски аспект. Со растечките сознанија за текот на болеста, некои процедури станаа рутински, извесни тераписки постапки се сменија, но сето тоа стана дел од нашето секојдневие и рутина.
Доколку пациентот е на домашно лекување, матичниот лекар е тој што го одредува текот на лекувањето и следењето на пациентот, според утврдените насоки, а ако ваш пациент е хоспитализиран во некој од ковид-центрите, дали севкупното лекување го презема конкретната медицинска установа?
– Да. Кога пациентот поради влошување на неговата клиничка состојба е примен на болничко лекување, комплетниот тек на лекување и понатамошните дијагностички постапки ги презема установата во која се лекува. Но, и за ковид-19, како и за сите други состојби пред пандемијата, кога наш пациент се наоѓа на болничко лекување, и јас и медицинската сестра сме во контакт со пациентот. И независно од тоа што имаме потполна доверба во нашите колеги од секундарното и од терциерното здравство, се обидуваме да бидеме во тек со клиничкиот тек на нашиот пациент, како поради тоа што по испишувањето од болница со неговото лекување ќе продолжиме ние, така и за да бидеме некој со кој пациентот може да ги сподели своите чувства и впечатоци додека е во болничко изолациско одделение. Ова го правиме зашто е важно за менталното здравје на пациентите, кои се преплашени кога се во болница, а тоа е секако и една од улогите на избраниот матичен лекар.
Огромен товар падна врз матичните лекари во текот на ковид-кризата. Во периодите кога има наплив на заразени пациенти, а тоа не е единствената патологија која бара ваша помош, како успевате сè да изменаџирате од лекарски аспект?
– Од почетокот на пандемијата имам навистина стриктен протокол за прием и обработка на пациенти, каде што веројатно ми помага моето 30-годишно клиничко искуство, од кои 20 години во оддел за интензивно лекување на новородени и предвремено родени деца каде што многу се внимаваше на принципите на асепса и антисепса. По секој пациент ригорозно се придржуваме до дезинфекција на опремата и просторот, но и ригорозно се придржуваме до превентивните мерки, со цел на пациентите со неинфективна патологија да им обезбедиме максимална заштита, зашто токму овие пациенти, во моментот кога целиот здравствен систем, како и секаде во светот, е прилагоден на ковид-позитивните пациенти, не смеат да се испуштат од вид.
Како и да е, можам да кажам дека имавме прилично тешка година и навистина бевме оптоварени надвор од нашите вообичаени задолженија, како со и така мошне обемната администрација, која во периодов стана уште пообемна, поради тоа што дел од работите што ги порано ги вршеа службите на ФЗОМ, преминаа кај нас, по електронски пат, за да се спречат редици и гужви, така и со навистина тешко подносливиот број и фреквенција на телефонски повици во текот на денот, и во деновите на викендите и за празниците. Имав анегдотски случај на преплашен пациент со лесна клиничка слика, кој во тек на еден ист ден ми се јави 17 пати! Психичкиот товар и немањето одмор е навистина застрашувачко и по една година сме на работ на силите.
Дали во овие 11 месеци, пациентите со ковид-19 веќе научија кога е време да побараат помош од матичниот лекар или сè уште има значителен број од нив кои премногу доцна се обраќаат во вашата ординација?
– Овде можам да го споделам само моето лично искуство, Имено, некако имав среќа (или несреќа) пред останатите да ја сфатам сериозноста на заканата од новата болест, уште пред да стаса кај нас, пред точно една година, и навистина многу инсистирав моите пациенти да се тестираат веднаш штом пројават симптоми. На почетокот наидував на голем отпор и неверување. Кога работите со голем број луѓе, меѓу нив ќе се најдат секакви психички профили: од еден мал број луѓе кои беа навистина силно преплашени, преку мнозинството, кои ја сфатија сериозно заканата од новата болест и дисциплинирано се придржуваа до сите мерки, до извесен број луѓе, кои сосема неразумно негираа дека короната постои. Особено голем отпор имаше околу тестирањето на децата. Родителите беа исплашени дека тестот може да биде штетен и да го повреди детето и потребно беше долготрајно убедување дека се работи за обичен брис од нос, ист онаков каков што пред пандемијата, многу често родителите самоиницијативно и најчесто непотребно, земаа на своја рака. Сега веќе не е така и соработката е подобра, свеста за болеста е повисока и неретко самите пациенти бараат да бидат тестирани, за разлика од пред една година кога морав со часови повеќекратно да ги убедувам.
Кој е пресудниот момент кај ковид-болен да се одреди дека лекувањето мора да содржи антибиотик?
– Јас сум лекар кој има голем респект кон групата лекови наречени антибиотици. Во својата клиничка пракса неретко сум давала исклучително силни антибиотици на многу нежни и мали деца – недоносените, но само и исклучиво според антибиограм и по витална индикација – зашто преживувањето им зависело од тоа. И затоа мислам дека мораме да ги сочуваме за идните генерации, како навистина моќно оружје за борба со бактериските инфекции. Ова секако значи дека сум горлив противник на злоупотребата на антибиотиците за лекување на вирусни инфекции. Ниту земам антибиотик, ниту му давам на моето дете, ниту тоа ќе го направам за пациент за кој немам јасни биохемиско-лабораториски знаци на бактериска компликација на вирусната инфекција. Истото се однесува и на ковидот и не гледам зошто ковид-19, како вирусна болест би бил исклучок.
Како педијатар, голем дел од вашите пациенти се бебиња и мали деца. Дали досега сте имале ковид-позитивни бебиња и како оваа популација се справува со коронавирусот?
– Имам голема среќа во оваа цела несреќа, предоминантниот број на моите пациенти да се деца. Имено, кај децата, особено кај оние под три години, кои немаат хронични болести, болеста поминува навистина лесно. Децата се или асимтоматски или се со лесна клиничка слика, која варира од растечено носе, преку температура од различен интензитет, која, како и кај која било друга вирусна болест трае 2-3 дена, или течна столица, или осип, или комбинација од сите претходно наведени. Како и да е, кај децата, особено кај оние под три години, болеста е лесна и не остава последици. Сепак, би апелирала, кај деца кои прележале ковид-19 да се внимава на превенција од сезонските вирусни инфекции (грип, респираторен синцициум-вирус, адено-вирус), зашто, се чини дека по прележан ковид-19, имунитетот им е сепак малку „разнишан“, па полесно заболуваат од другите сезонски вируси. На организам кој тукушто се справил со инфекција, каква што е ковид-19, независно од тоа што клиничката форма била лесна, би сакала да му дадеме време комплетно да закрепне, и затоа нагласувам дека придржувањето до превентивните мерки треба да продолжи и по излекувањето на ковидот.
Доктор Којиќ, го гледате ли и вие спасот на пандемијата во вакцините?
– Ако постојат антиваксери, јас сум спротивниот екстрем – „тврдокорен про-вакс“’. Веројатно освен личното искуство, влијание има и воспитувањето. Израсната сум покрај татко дерматолог и вујко инфектолог, така што цврсто верувам во таа голема медицинско-цивилизациска придобивка, која се вика вакцина. Неброено пати сум нагласила дека верувам дека добар дел од нас е жив токму благодарение на систематската редовна вакцинација во годините на нашето детство.
Јас и сите членови на моето семејство сме редовно вакцинирани. По неколку непријатни искуства со грипот последниве години редовно се вакцинирам и од сезонски грип, поради професионалната изложеност.
Во поглед на вакцините против ковид-19, можам само да кажам дека имам големи очекувања. Да се постигне колективен имунитет со „прележување“, едноставно не е можно. Во историјата на медицината не е забележано здобивање со колективен имунитет без вакцинирање.
Колективниот имунитет ќе се постигне кога на бројот на прележани ќе му се приклучи и значителен процент на вакцинирано население. Тоа ќе биде моментот кога ќе можеме да сметаме дека ковид-19 е зад нас.
Во моментов, во оптек се три типа на вакцини против ковид-19: класични „живи“ вакцини (каква што е „Синофарм“), векторски („АстраЗенека“ и „Спутник V“) и мРНК („Фајзер“ – „Бионтек“ и „Модерна“). Сите тие имаат свои предности и недостатоци, но сите се со висок процент на заштита. Лично, јас не би бирала која од овие да ја примам. Која прва стаса – таа би ја примила без трошка двоумење. Која било вакцина е подобра од никаква, а без вакцина нема да ѝ застанеме на крај на оваа несреќна пандемија.