Не може да имаме еманципирани граѓанки без да имаме и еманципирани граѓани, смета глумицата Наташа Петровиќ, соговорничка во „Слободен печат“.
Родена е во Штип, во семејство што влече пола македонски, пола српски корени. Целото свое детство го поминала таму, сè до 2007 година, кога дошла во Скопје да студира на факултетот за драмски уметности. Во нејзиното семејство никој професионално не се занимавал со уметност, но вели дека сите имаат по некоја приказна што можат да ја раскажат за како и кога во текот на животот имале прилика да се пробаат во различни гранки од уметноста, сепак, никој од нив не се одлучил тоа да им биде професија.
На 22-годишна возраст, Наташа беше вброена меѓу 10-те најдобри млади филмски таленти на Европа, кои беа претставени на меѓународниот филмски фестивал во Берлин. Добитничка е на наградата за најдобра актерка на Меѓународниот филмски фестивал во Сиетл, номинирана за најдобра интернационална актерка на Ирскиот филмски фестивал и за најдобро актерско остварување за жени на Миланскиот интернационален филмски фестивал.
Вработена е во Театарот за деца и младинци, дел е од основачкиот тим на Здружението за културни активности „Артопија“, а моментно за македонската јавност е актуелна со ликот на козметичарката Натали во телевизиската серија „Преспав“.
Со какви очи гледаше на актерската професија дента кога слушна дека си примена на Драмскиот факултет, а како на глумата гледаш денес? Што е тоа што тогаш не го согледуваше?
– Мислам дека сè уште гледам со исти очи, ништо се нема променето во мојата перцепција во однос на оваа професија и тежината и должноста што ја носи со себе. Можеби она што не го гледав доволно јасно тогаш, или пак, можеби, не сакав да го видам е бруталната реалност со која се соочува секој еден актер после завршувањето на студиите. Очекувањата се едно, а реалноста нешто сосема друго. И тоа не само земајќи ги предвид државното уредување и немањето доволно капацитети или соодветен/флексибилен/продуктивен систем на работа со кој ќе се создава пред сè квалитет, а не само квантитет, бидејќи едното без другото е само безначајна бројка, туку и фактот дека не делиме сите ист ентузијазам кон професија што, за жал, и резултира со повеќе жалење за тоа дека нема работа отколку преземање иницијатива нешто да се сработи. За да ја работиш оваа професија секогаш не е потребна театарска сцена, целиот свет е наша сцена, она што ни треба е желба и многу љубов да се сработи нешто, бидејќи љубовта кон театарот е она што не одржува во живот.
Што би им препорачала на младите, идни глумици, на што најмногу треба да се подготват во оваа професија?
– Ова можеби е една од ретките, ако не и единствената професија што ви дозволува да бидете деца цел живот и да си играте и да се забавувате. Всушност, ова не е професија, ова е начин на живот, што би рекле многумина, колку и да звучи како клише, па како и сè досега во животот, вие сте тие кои одлучувате како и што ќе правите со себе во него. Подгответе се да носите храбри одлуки и создавате промени зашто премногу е кратко времето да чекате некој друг да ја направи таа одлука за вас. Вие ја носите одговорноста на приказната стара илјадници години, одговорноста за колективната емпатија и љубовната одговорност, затоа работете многу и работете на себе и никогаш не заборавајте да се забавувате во сè што правите.
Во твојата биографија пишува дека течно зборуваш повеќе јазици. Како ги совлада? Колку оваа вештина ти ги отворила досега вратите на интернационалната актерска сцена?
– Секое знаење плус е секогаш од корист и тоа се потврдува како точна теорија во пракса (се смее, н.з). Благодарение на познавањето на неколку странски јазици се отворија прилики да бидам дел од различни филмски аудиции, како и прилика да играм во неколку филмски проекти на англиски, босански, германски јазик.
Си соработувала со врвни режисери, за првпат на филм се појави во „Сенки“ на Манчевски, првиот официјален ангажман го искуси преку соработка со ирската режисерка Хуанита Вилсон, неколку години подоцна глумеше во „До балчак“ на Столе Попов, какво школо плус беше ова за твојот актерски раст?
– Верувам дека секој нов проект е еден чекор понапред кон самоспознавање и развивање. Со секој нов проект, без разлика дали станува збор за театарска претстава, филм или серија, драго ми е што успевам да отворам некои нови аспекти на размислување и креирање. Клучен проект за мене лично на професионално ниво беше филмот „Како да ме нема“ во режија на Хуанита Вилсон, бидејќи не само што за првпат ја имав на себе одговорноста да сработам еден комплексен лик каков што е Самира, туку и за првпат имав прилика да работам на долгометражен филм и да научам нешто повеќе за тој сектор и светот што го носи со себе. Неизмерно сум благодарна на довербата на Хуанита и бидејќи после овој проект пред секој следен го гледам малото камче што ми го подари во форма на дождовна капка и се потсетувам на тоа колку се ретки и скапоцени овие проекти и дека така и треба да им се пристапува, нежно и внимателно како на капка дожд на дланка, која за миг може да се излие.
Беше вброена меѓу 10-те млади филмски таленти во Европа, а во описот на млад актер беше забележано и дека имаш класична филмска појава која потсетува на Ингрид Бергман. Дали денес можеш да кажеш дека побегна од класичноста? Со која глумица повеќе би сакала денес да бидеш споредена?
– Сите ние се стремиме да бидеме уникатни, но понекогаш е неизбежно да бидеме споредени со некој во позитивна или негативна конотација во однос на изгледот и сензибилитетот што го носиме. Немам на ум глумица со која би сакала да бидам споредена, но она што би го сакала е еден ден споредбите да не се од аспект на изглед, туку од аспект на сработени проекти и остварени успеси.
И пеењето ти е силна страна, работеше ли на „школување“ на гласот или и тоа се должи на добрите гени?
– На секоја фамилијарна прослава или ручек дедо ми не пропушта прилика да се потсети и да ни раскаже за времето кога пеел како млад или да проба да се присети на некоја песна и да ни запее, па еве, да речеме, дека можеби од него имам повлечено некој ген и јас (се смее, н.з). Но, исто така, и како дете посетував нижо музичко училиште.
Што најмногу, како глумица, а што како жена те фрустира во нашата земја?
– Не знам дали ме фрустрираат или повеќе ме нервираат работи како на пример преголемата инволвираност на политиката во уметноста, недостатокот на емпатија, себичноста и неодговорноста што се потврдува константно дека ни е јака страна како на нација… Нетрпеливоста и закоравените општествено прифатени норми на однесување и дејствување како и табиетот – да му умре козата на комшијата.
Колку се граѓанките на Македонија навистина еманципирани?
– Пред извесно време некаде прочитав – Еманципација, не благодарам!… Па би рекла дека ова до некаде го одговара прашањето колку сме еманципирани и уште колку имаме да учиме за тоа што значи зборот еманципација. Сепак, мора да се поздрават сите здруженија кои активно работат на инклузија, социјализација и еманципацијата на жените во нашата земја, но сметам за во целост да се постигне тоа, потребно е многу поголем труд, работа и поддршка. Исто така не може да зборуваме за еманципирани граѓанки без притоа да имаме и еманципирани граѓани, едното оди во ист чекор со другото, според мене. Правата и одговорностите се исти за сите.
Какви проекти веќе се крчкаат за 2021 година и како оваа година си ја замислуваш за себе?
– Се надевам дека оваа година ќе биде попродуктивна на професионален план од претходнава. Се крчкаат некои соработки и доколку сè оди како што треба, можеби наскоро ќе можеме подетално да си позборуваме и на таа тема.