Со многустраната дејност, промовирајќи интерпретација на разни видови удирачки инструменти, Седеу е една од најактивните музичарки на нејзината генерација, а повеќе автори, инспирирани од нејзината креативна изведба, посветиле дела за удиралки.
Мојца Седеу дипломирала во својот роден град Скопје, специјализацијата за удирачки инструменти ја завршила на Државната музичка академија – Софија, во класата на проф. д-р Добри Палиев, а магистрира на истата академија. Специјалистичките студии по камерна музика ги завршила во 1998 година. Добитничка е на награда за инструменталисти на интернационалниот натпревар „Музиката и Земјата“ и специјална награда за интерпретација од Здружение на композиторите, Бугарија, 1998 година. Истата година добива признание за високо професионална презентација на тема „Камерна музика за удиралки“, а во 2001 година признанието „Одлична педагошка работа“ – интернационален конкурс „Палиев – Финк“. Во 2006 г. е добитник на наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ. Од 1994 година до денес е постојан член на Филхармонија. Од 1998 година до денес, е професор на ФМУ – Скопје, а предава и на државните факултети за уметности во Приштина и Тетово. Основач е на ансамблот за удирачки инструменти „Сонант“ во 1998 година.
Дали љубовта кон класичната музика беше љубов на прво слушање или беше постепен процес? Како ги засакавте удирачките инструменти?
– Во моето семејство отсекогаш сум била опкружена со музика. 12 години бев играорка и членував во културно-уметничките друштва „Орце Николов“ и „Мал Танец“, а љубовта кон фолклорот за традиционалните песни, игри и ора, ми беше пренесена од мојата мајка, која играше во ансамблот „Танец“. Мојот вујко свиреше во танцовиот оркестар на МРТВ, па честопати ги следев настапите на Биг-бендот, а подоцна во истиот оркестар свирев како перкусионист, учејќи за џез-музицирањето преку диригентската палка на маестро Џамбазов и маестро Костов. Класичната музика беше нераздвоен дел од мене и љубов која се развиваше. Во нижото музичко училиште свирев на пијано, а поради моите афинитети кон истражување на нови звуци, во средното училиште започнав да ги изучувам и удирачките инструменти. Многубројните видови удиралки, со нивниот широк спектар на звучни колорити и голем динамички дијапазон, ми даваа поттик за нивно изучување и експериментирање.
Важите за водечки перкусионист во Македонија, на колку инструменти свирите и колку време им посветувате во денот? Од друга страна пак, има ли инструмент на кој би сакале да засвирите?
– Една од причините што изучував повеќе видови удирачки инструменти е потребата на оркестрите, каде што се налага нивно познавање, од друга страна сè поизвесни се соло композиции, наменети за еден изведувач што свири на повеќе удиралки. Развојот и надополнувањето на бројот на удирачките инструменти трае веќе подолго време, така што денес над 500 удиралки се востановени, а во потрагата на свеж звук, нивниот број сè повеќе расте. Не би можела да го прецизирам точниот број на удирачки инструменти на кои сум свирела, но, „тотал перкусионист“ – како што нè нарекуваат – настапува на повеќе од 50 различни инструменти. Најчесто, сцената на моите солистички настапи е исполнета со поголем број мембранофони (разни темброви комбинации на кожи, н.з) како: тимпани, том-томи, тапани, конги, бонгоси и др. заедно со (малет) инструменти како: вибрафон, маримба или ксилофон, кампанели, камбани и повеќе видови ѕвона, со комбинации од разни метални идиофони. Да се музицира на повеќе удиралки е потребна голема посветеност, бидејќи се употребуваат различни техники на свирење, на секој удирачки инструмент поединечно. Владеењето на овие техники е животна студија. Сè додека при творештвото авторите се подготвени да ги задоволат потребите на современиот слушател, дотогаш за мене удиралките ќе бидат цел на изучување и ќе има нови инструменти на кои би сакала да интерпретирам.
Колку важност им давате на звучните истражувања? Како управувате со звукот и изборот на инструменти што треба да ги користите?
– Изведувачите се тие кои му даваат живот на делото, а честопати и нова димензија. Затоа, за мене е најважно со интерпретацијата да предизвикам и визуелно доживување на музиката кај слушателот. Слободно можам да кажам дека удирачките инструменти се експлоатирани во современата музика, од една страна поради можноста за експериментирање со звуци, од друга страна што современата партитура дава слобода во интерпретацијата на изведувачот. Затоа, за мене голем предизвик е да изведувам дела од современ жанр, бидејќи тие дела даваат можност и за индивидуален пристап, така што честопати улогата на изведувачот е блиска до улогата на авторот. За да ја разоткријам творечката замисла на композиторот и да го почувствувам карактерот на секое дело засебно, секогаш истражувам, за најсоодветно да ги применам различните тонски техники и богатите звучни можности. Изведувачот мора да ги знае физичките квалитети на секој инструмент во однос на произведувањето на тонот. Само тогаш ќе може да ги одреди најдобрите впечатливи области за нивната намена. За да се произведе добар звук на инструментот, искуството е најголемото богатство на перкусионистот.
Каков е интересот на студентите денес, особено на студентките, за изучување на удирачки инструменти? Што секогаш ги советувате Вашите студенти кога ќе се одлучат за оваа музичка насока?
– Удиралките со својата специфика привлекуваат внимание за нивно изучување, а како прва жена на удирачки инструменти, на нашите простори, одамна сведочам дека уметноста не познава граници. Слободно можам да кажам дека бројот на жените перкусионистки во мојата класа се зголемува. Како професор, низ различните музички и педагошки активности, се залагам студентите да се посветат кон усовршување на потребните техники за да стекнат способност над своите инструменти. Изведбата бара изведувачот да има вештини за продукција на тонот. Треба да научат разни интерпретации, па колку повеќе се вежба, изведбата ќе стане подобра. Само преку слушање, студирање, вежбање, изведба и обиди и грешки, можат да се научат потребните вештини за изведување на репертоарот и конечно, да настапат со музички вкусна изведба. Како нивен ментор, секогаш ги советувам да се заложуваат за развој на уметноста, за креативна изведба, како и за воспоставување на силен контакт помеѓу различните учесници инволвирани на перкусионистичките полиња.
На кои искуства и престижни соработки со задоволство се сеќавате?
– Секој настап, гостување, е приказна за себе и носи некакви сеќавања и емоции. Како солист и камерен изведувач имам настапувано на повеќе фестивали во земјава и странство: Англија, Канада, Бугарија, Германија, Италија и др. Една од престижните покани, која за мене и нашата земја претставуваше голема чест, е поканата за учество на ПАС ЕУРО фестивалот, одржан во Германија во 1999 година и настапот како солист, во конкуренција со најдобрите перкусионисти од 20 земји од Европа. Како оркестрант, со матичната институција Филхармонија и со повеќе меѓународни оркестри, во долг временски период од три и пол децении, имам остварено голем број концерти под палката на реномирани диригенти. Но, можам да истакнам дека, освен концертите со класичен репертоар, особено задоволство ми претставува соработката во проекти и од други жанрови, како со: Хаинц фон Моиси, Рани Крија, Браќата Тавитјан и други, а со задоволство се сеќавам на концертот на Скопје Џез фестивал во 1996 година, кога заедно со неколку музичари од Филхармонија, настапивме со џез-иконата Реј Чарлс.